ВМРО-ДПМНЕ критикува за ЕЕЗ, Пендаровски одговара дека Мицкоски го поддржал тој став


Откако ВМРО-ДПМНЕ го обвини претседателот Стево Пендаровски дека со одбивањето Македонија да биде дел од Европската економска зона направил „антидржавен чин“, шефот на државата соопшти дека таквиот став го поддржал и Христијан Мицкоски на лидерската средба на 20 октомври 2019 година, веднаш по блокадата на Франција поради усвојувањето на новата методологија.

Од неговиот кабинет велат дека тогаш неофицијално циркулирала идејата за алтернативно членство за државите од Западниот Балкан во Европската економска зона, откако ќе ги исполнат потребните услови за тоа.

„Ставот на претседателот Пендаровски и тогаш и сега беше дека никаква алтернатива на членство не треба да се прифаќа затоа што полноправното членство во ЕУ подразбира да сте дел и од заедничкиот европски пазар“, велат од кабинетот на Пендаровски.

Потоа се наведува дека на лидерската средба во октомври 2019 „бил постигнат апсолутен консензус и од страна на сите лидери, вклучително и од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беше поддржан ставот дека на Република Северна Македонија ѝ е потребно членство во Европската унија, а не учество во алтернативни облици на соработка со ЕУ, затоа што на земјата покрај економска интеграција ѝ е потребна и политичка интеграција и усвојување на демократските стандарди и  вредности– владеење на правото, независно судство и медиуми, човекови слободи и права.

Во таа насока, сите присутни заклучија дека не треба воопшто да се размислува за алтернативи, туку земјата треба да продолжи со засилено темпо за реализирање на стратешката цел – полноправно членство во Европската унија“, нагласуваат од кабинетот на Пендаровски.

Опозициската партија во своето денешно соопштение вели дека „Стево Пендаровски и Зоран Заев не се монарси, на кои народот им го предал правото безусловно да владеат и Македонија не е нивна своина. Кого прашал Пендаровски кога ја одбил понудата Македонија да стане членка на Европската економска зона. Одбивањето на понудата е антидржавен чин. Пендаровски и Заев да кажат зошто ја одбиле понудата и од чии странски интереси се воделе“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.