ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски и неговиот кум свртеле 26 милиони евра, СДСМ вели дека лажат


Фирми основани од премиерот Ковачевски и негови семејни врски вртат милионски суми во енергетскиот бизнис додека Македонија е на колена, обвинија денеска од ВМРО-ДПМНЕ, објавувајќи ја како што ја нарекоа, аферата „Броило“.

Фирми основани од премиерот Димитар Ковачевски и негови семејни врски вртат милионски суми во енергетскиот бизнис преку злосторничко здружување во соларен картел обвинија денеска од ВМРО-ДПМНЕ. Според пратеникот Миле Лефков аферата „Броило“ ќе покаже како премиерот Ковачевски здружен со неговиот кум свртеле 26 милиони евра преку фирмата Пиксел груп – која е основана од Ковачевски и неговиот кум Горан Паунов во 2018, и фирмата КМГ ЕОЛ Квазар, која е во сопственост само на неговиот кум Паунов.

„Аферата „Броило“ е шема која покажува како преку „Пиксел груп“ и “КМГ ЕОЛ Квазар“ ги свртеле парите. Само од државни тендери во изминативе неколку години овие фирми инкасирале 1,8 милиони евра. Во 2021 година, кога Димитар Ковачевски е заменик министер за финансии, „КМГ ЕОЛ Квазар“ склучува договор со ЕВН, врз која сега Ковачевски како премиер има мандатна сопственост преку државниот удел во ЕВН и тоа договор за изведба на работи и испорака на фотоволтаични панели, во вредност од над 2 милиони евра –изјави Лефков.

Аферата „Броило“, според ВМРО-ДПМНЕ, зазема димензии од десетици милиони евра, кога пред месец и половина, „Пиксел груп“ најави дека влегува во фаза на инвестиција во фабрика за производство на соларни панели во индустриската зона во Тетово, во вредност од 54 милиони евра, тврди Лефков.

„ Фирмата е регистрирана под името „АЕ Солар АД Тетово“, како заедничка на „Пиксел груп“ која поседува 40 отсто и 60 отсто поседува фирма од Бугарија. Горанчо Паунов, кумот на премиерот Димитар Ковачевски веќе е поставен како еден од двајцата извршни директори на „АЕ Солар АД Тетово“. Инвестицијата на „Пиксел груп“ треба да биде 21.6 милиони евра, соодветно на процентот на учество. Со тоа, Ковачевски како премиер ќе му потпише договор за државна помош на кумот Горанчо Паунов, изјави Лефков.

Од Владата велат дека премиерот Димитар Ковачевски не е дел од сопственичката структура на Пиксел Гроуп Доо Скопје и оти овој факт можел јасно да се види и во неговиот анкетен лист кој е јавно достапен.. Со реакција се огласија и од СДСМ. Според пратеничката Даниела Марковска, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски продолжуваат со фабрикување лаги и невистини за Ковачевски за да ги затскријат криминалите со тендерот од 136 милиони евра и случувањата во Град Скопје.

Уште на ден 28.09.2020 г Димитар Ковачевски во целост го повлече износот на финансиските средства вложени за обезбедување на почетната ликвидност на компанијатa. Тоа е јавно соопштено, за да може целосно да се посвети на функцијата којашто тогаш ја извршуваше, земеник министер за финансии. Сето ова може да види и во Анкетниот лист на премиерот. Дека станува збор за фабрикувана манипулацијата на ВМРО-ДПМНЕ се гледа и од тоа што споменуваат државна помош за компаниите, којашто се однесува на сите компании кои исполниле услови, изјави Марковска од СДСМ.

Од СДСМ додаваат дека очајно е што опозициската партија го напаѓа Ковачевски затоа што работи во интерес на граѓаните, додека додека Мицкоски како што велат се кара за тендери и провизии.