ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничката влада – имињата ќе се знаат по Водици


Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва донесе одлука партијата да учествува во техничката влада, а се очекува таква одлука да донесе и Централниот комитет.

Потретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски по седницата на партискиот Извршен комитет, рече дека причината за ваквата одлука е што никогаш во Македонија не било полошо.

– Македонија се наоѓа во таква лоша ситуација што нема нерегуларност која што не е направена од страна на власта – рече Муцунски и додаде дека одлуката за учество во техничката влада ќе значи и именување на партиски лица за функциите во таа влада кои ќе ја надгледуваат регуларноста во предизборниот период.

Муцунски рече дека го овластиле претседателот на партијата да разговара со компетентни луѓе, за да се донесе одлука кои луѓе од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се најсоодветни да застанат на чело на одредените министерства, резервирани за опозициски министри и заменици-министри во техничката влада.

– За таа цел очекуваме и Централниот комитет да донесе одлука, со која ќе се овласти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да ги одбере лицата кои ќе бидат дел од техничката влада – рече Муцунски.

На новинарско прашање, дали било разговарано за лицата кои би биле дел од техничката влада, Муцунски рече дека, ќе бидат запазени роковите, односно, до крајот на јануари, кога треба да се формира техничката влада, а очекува имињата да бидат познати по празникот Вдици (19 јануари).

Дополнително, Муцунски рече, дека ИК на ВМРО-ДПМНЕ зазема став да се воздржи од гласање на техничката влада, „која под водство на Талат Џафери од ДУИ, нема никаков легитимитет“.

ИК ги изгласал и делегатите за Конвенцијата за кандидат за претседател, а делегати ќе бидат вкупно 472 лица, а комплетирани се и составите на општинските изборни штабови.

Донесена е и одлука за формирање Комисија за преговори со актуелните и сите други политички партии, а кои ќе бидат дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Дополнително, на денешната седница на Извршиот комитет биле донесени уште неколку одлуки, меѓу кои и доставување иницијатива до Уставниот суд, со која ќе може да се пролонгира рокот за менување на личните документи на граѓаните, кои од 12 февруари годинава нема повеќе да важат, ако на нив не стои новото име на државата, обрска која произлегува од Преспанскиот договор.