ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на Ребалансот на буџетот, подготвува амандамани

ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на предложениот Ребаланс на буџетот, изјави денес на прес конференција Тимчо Муцунски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
„Преку конкретни амандмани ќе дадеме соодветен одговор во насока на креирање продуктивен ребаланс, што ќе биде во интерес на граѓаните и компаниите“, рече тој.
Муцунски, кој е и претседател на матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет, каде што се води клучната дебата за овој важен документ, вели дека повеќе од очигледно е дека главниот фокус и на овој ребаланс нема да биде индустријата и реалниот сектор, како и дека секое семејство ќе биде задолжено со нови 400 евра.
„Согласно најавените проекции ребалансот на Буџетот е со планиран буџетски дефицит од над 6 отсто, што како таков ќе биде финансиран со нови задолжувања, без притоа да биде создаден нов продуктивен ефект во економијата“, вели Муцунски додавајќи дека со ребалансот предвидени се над 200 милиони евра, кои според нивни сознанија со голема веројатност ќе бидат користени во форма на државни трансфери и со отворена можност да бидат злоупотребени како форма на предизборен поткуп.
„Слушајќи декларативни заложби за зголемување на капитални инвестиции истовремено заклучуваме дека реализацијата на истите, заклучно со мај е едвај 22 отсто. Власта ветуваше раст од БДП 5 отсто секоја година, но резултираше со просечен раст од 0,7 отсто за 4 години, а притоа дополнително констатираме дека БДП во првиот квартал е опаднат за 1,9 отсто споредено со минатата година. Целиот економски пристап на Владата практично се сведува на многу зборови, но малку дела“, изјави Муцнски.
Тој додаде дека преку планот за финансирање на заздравувањето и забрзаниот економски раст, повторно се најавува зголемување на вкупните инвестиции во економијата, намалување на фискалниот дефицит на среден рок и задржување на долгот на стабилно ниво, но како да повторно се случува токму спротивното.
„Доказ за тоа е неодамна објавената анкета од германската стопанска комора, според која дури 59 отсто од големите германски инвеститори работата на македонската влада ја оцениле како лоша, дури 31 отсто одговориле дека не би инвестирале повторно, што е најголем процент од 2012 до сега. Најлоша оцена има борбата против корупцијата и криминалот“, вели Муцунски.