ВМРО-ДПМНЕ ќе ја обединува опозицијата со слоганот „Македонија за сите луѓе“


ВМРО-ДПМНЕ денеска, на својот 31. роденден, ја објави својата нова политичка платформа со која сака да им се приближи на повеќе граѓани а не само на оние што се патриотски гласачи. Новиот концепт што го објави лидерот на партијата во Охрид е наречен „Македонија за сите луѓе“. Според него, тоа тоа ќе бил пресврт и ново доба во функционирањето на партијата, чија основа била грижата за земјава во секој поглед, национален, културен, општествен и економски.

„ВМРО-ДПМНЕ е партијата, која секогаш ги водела најтешките битки за својот народ, која имала заслужени подеми но и заслужени порази, која учела од грешките и како феникс се издигнувала од пепелта затоа што и’ била потребна на Македонија. Македонија за сите луѓе, тоа е новата политичка стратегија на ВМРО-ДПМНЕ. Светоглед согласно со кој ние ќе дејствуваме. Платформата со која ние ќе допреме до секое срце, до секој еден наш граѓанин. Силата која ќе ги обедини сите искрени и чесни граѓани кои си ја сакаат Македонија и кои сакаат својата иднина да си ја градат овде. Сакаме да му кажеме на народот која е нашата визија, мојот сон за нашата заедничка Македонија. Време е да се крене земјата од оваа економска и национална девастација“, рече Мицкоски од Античкиот театар во Охрид.

Партијата ќе се ребрендирала и визуелно: трите бои на патриотизмот ќе прераснеле во осум. Тоа било знак дека сите треба да се обединат, да се здружат, да си подадат рака. Во тоа подавање рака било и обединувањето на опозицискиот блок.

„Се обраќаме кон сите кои своите идеали кои ги наоѓаат во десниот политички спектар од нивниот центар до крајната десница. Неминовно е обединување на опозицискиот блок и тој процес кој веќе е започнат го официјализираме денес. И, натаму очекувајте конкретни резултати. Македонија е на сите луѓе, на сите партии, групации, индивидуалци, кои си ја сакаат Македонија. И, затоа оваа битка е наша заедничка битка на сите нас, кои се против власта, предводена од СДСМ и Зоран Заев. Можеби помеѓу нас има разлики, но она на што нѐ обединува е многу поголема“, рече Мицкоски.