ВМРО-ДПМНЕ ќе иницира законски измени да се забрани увоз на тутун, додека не се откупи домашниот


Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе иницираат законски промени, да се забрани увоз на тутун, додека не се откупи домашниот, соопштија од опозициската партија.

За ова станало збор на координативна средба на градоначалниците од регионите во кои се одгледува тутун кој е една од главните егзистенцијални гранки во општините. На средбата се разговарало за ниската цена на тутунот и за изнаоѓање решенија за повисоки откупни цени.

Како што соопштија од ВМРО-ДПМНЕ еден од заклучоците кои ги донеле на тој координативен состанок бил да се достават барања до Државниот земјоделски инспекторат да излезе на терен се со цел реална проценка на тутунот.

„Еден од заклучоците беше и преку нашите пратеници од регионот секој да се погрижи на наредната собраниска седница да се издејствува, да се иницира измени во Законот за откуп на тутун со тоа што би се забранил увозот на тутун, се до оној момент додека не се откупи и последното ливче од нашиот домашен тутун“, се вели во соопштението до медиумите.

Со тоа, како што се додава, би го заштедиле и домашниот тутун, но воедно и секој нареден од тутунопроизводител би вложил и во иднина, со идна реколта да се погрижи да допринесе за своето семејство и би се намалило иселувањето на младите од нашата земја.