ВМРО-ДПМНЕ ќе го спасува здравството од административните процедури што таа ги воведе


ВМРО-ДПМНЕ, преставувајќи ја својата изборна програма за здравството, најави мерки со кои практично ќе ги укине промените што стапија на сила кога тие беа на власт. Па така, според соопштението денес, ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на ослободување од административни процедури на матичните лекари, кои всушност кулминираа додека оваа партија раководеше со Македонија.

Покрај тоа, во програмата наречена обнова на здравството,  се најавува зајакнување на дежурните служби и итната медицинска помош и континуиран раст  на вредносната капитација кај матичните лекари. Ќе се воведе електронско работење  кое ќе доведе до ослободување од десетици административни процедури кои сега им одземаат време и пари на матичните лекари.

-ВМРО-ДПМНЕ  се обврзува на обнова преку која ќе се изгради здравство ориентирано кон пациентите. Затоа новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе национална здравствена стратегија заснована на следните постулати: Зајакнување на јавното здравство, заради тоа што лекарите и здравствените работници треба да останат во Македонија и тука во јавното здравство; Зајакнување на примарното здравство, стоматологијата и превентивата; Оптимизација на здравствениот систем, ориентиран кон бенефит за пациентот и нулта корупција во здравството, се најавува во соопштението на оваа партија.