ВМРО-ДПМНЕ ќе го напушти Собранието ако амнестијата се носи со европско знаменце
ВМРО – ДПМНЕ нема да го поддржи Законот за амнестија, a бидејќи нема европско знаменце и е во стандардна процедура, најавува дека ќе го блокира.
-Доколку законот за амнестија се носи по скатена постапка и со европско знаменце, лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, најави дека ќе побара од највисоките партиски тела подршка за одлуката да ја напуштат работата на Парламентот.
Мицкоски денеска во Струмица се обрати на Втората годишна конференција на Унија на ветерани на партијата.Тој вели дека сега пред избори власта со Законот за амнестија прави сценарио за слобода на голем број криминалци, кои ќе им помогнале во изборната кампања.
Вчера и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека донесувањето на законот за амнестија е непотребно, оти, како што вели, законот нема да ја промени состојбата со пренатрупаноста во затворите. Предлогот предвидува целосно ослободување на лицата осудени на затворски казни до шест месеци, а осудениците со казни од шест месеци ќе се ослободат од издржување на 30 отсто од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Исклучок од амнестијата има за тешките кривични дела.
Министерството за правда, кое го подготви Предлогот, соопшти дека со законот се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно амнестирани 996. Во моментов 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 чекаат да влезат во затвор.