ВМРО-ДПМНЕ ќе го менува статутот: претседателот ќе има само два мандати


Во првиот одговор по поразот на изборите, ВМРО-ДПМНЕ реши да го менува статуот со тоа што претседателот на партијата може да биде избран најмногу два пати на функцијата. А Централниот комитет едногласно го овластил Христијан Мицкоски да преговара за составување на новата влада.

Овие одлуки, малку неочекувано, на новинарите по седницата на Централниот комитет им ги претстави претседателот на Статурната комисија, Панче Тошковски, а не некој од врвот на партијата.

„Измена на статутот на партијата се во насока на поголема демократизација на партијата следејќи ги сестринските партии како ЦДУ и австриската Конзервативна партија. Новите измени се револуциопнерни, во насока на поголема демократија во партијата, повеќе право на одлучување на комитетите на партијата, воведување на непосреден избор на претседатели на општинските комитети, и раководствата на комитетите, демократски избор на идните државни функционери кандидати за градоначалници, воведување нови органи на партијата, ограничување на правото на реизбор на претседателот на партијата, воведување унија на втерани и форум на интелектуалци на партијата“, рече Тошковски.

Претседателот на партијата ќе може да биде избран најмногу два пати, рече Тошковски и додаде дека трет мандат би можел да има ако така одлучи конгресот на партијата.