ВМРО-ДПМНЕ ќе го анализира решението за СЈО, а за Русковска велат дека била желба на Заев


Фото: Б. Грданоски

ВМРО-ДПМНЕ, кога ќе го добие, ќе го анализира предлогот за ново законско решение за јавното обвинителство што го најави премиерот Зоран Заев. Опозициската партија исто така од старт гледа со резерва на предлогот на Заев – новото обвинтелство за гонење организиран криминал и висока корупција да раководи обвинителката Вилма Русковска.
-Не можеме ништо да коментираме сѐ додека не го добиеме и формално предлогот за нов закон. Кога ќе го добиеме ќе го предадеме на анализа на правната комисија во партијата и на тимот кој учествуваше во разговорите за статусот на СЈО. Сѐ додека не го изанализираме новиот текст на закон што го предлага Заев, ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на подготовка на законот за СЈО што ние го најавивме – ни изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
За предлогот за нова шефица на новото обвинителство кон кое ќе се приклучи СЈО, Арсовски вели дека тоа е само желба на премиерот.
-Тоа е само желба на Заев. Очигледни се неговата желба и намера да се амнестира себеси и тие околу него, прикажувајќи ја притоа ВМРО-ДПМНЕ како кочничар на процесите – вели Арсовски.
Во однос на лидерската средба која беше откажана откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христија Мицкоски одби да учествува на неа, Арсовски посочи дека не држат вода тезите дека опозицијата бега од нов изборен модел.
-Нека закаже Заев средба за предвремени избори, па откако тоа ќе се договори може да разговараме и за нов изборен модел и за сите други прашања – вели Арсовски.