ВМРО-ДПМНЕ ќе ги повлече сите амандмани од законот за државјанство


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави денеска дека ќе ги повлечат сите амандмани на законот за државјанство, за да се изгласа петтиот пакет мерки за помош на граѓаните и стпанството.

„Свесни за недостигот на искрена желба за брзо решение, но и за критичниот момент во кој што се наоѓаат Македонија, граѓаните и стопанството, ќе ги повлечеме сите амандмани на Законот за државјанство се со цел конечно да се изгласа петтиот пакет на мерки за помош на граѓаните и стопанството.
Дури и во вакви моменти, кога над 55 илјади граѓани останаа без работа и едвај врзуваат крај со крај, кога македонската економија е на колена и илјадници компании се затворија, Заев и СДСМ без око да им трепне покажуваат огромна неодговорност и негрижа за граѓаните и стопанството“, рече Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.

Повика законот веднаш да го стават на комисија, бидејќи нема деловнички пречки односно нема амандмани, да ја продолжат пленарната седница и да се гласа за овој закон.

„Истовремено, ја повикуваме коалицијата Алтернатива/Алијансата за Албанците да ги повлечат амандманите од петтиот пакет на мерки, за да можат компаниите и граѓаните да ги добијат и онака недоволните и задоцнети средства како помош за справување со последиците од КОВИД пандемијата“, додаде Мицевски.