ВМРО-ДПМНЕ ќе бара одложена примена на уставните измени, подготвува „чистка“ за амбасадорите
Во светот кој врие од безбедносни кризи приоритет на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде економската, научната, образовната и културната дипломатија
Како Никола Груевски да им ја пишувал и како Никола Груевски да ќе ја спроведува – е впечатокот од програмата за надворешна политика, што ја најави ВМРО-ДПМНЕ викендов. По сите последици од нивното импровизирање со стратегиските интереси на Македонија додека беа на власт 11 години, кое им донесе меѓународна изолација и беше една од причините да паднат, според програмата што ја најавуваат сега испаѓа дека сакаат – да продолжат таму каде што застанаа.
Од она што го кажаа не се гледа никаква научена лекција, никава корекција по стекнатите искуства, никакво усогласување со сменетите околности во Европа и пошироко и никаква нова идеја освен позициите „ни риба, ни девојка“ и расфрлањата со празни зборови за „силни македонски позиции“, „вистински критериуми“ и „професионални, стручни и компетентни кадри“ што тие ќе ги стават на клучните позиции во дипломатијата.
Клучната порака притоа е дека надворешната политика на ВМРО-ДПМНЕ, ако дојде на власт, нема да биде „попустлива“ и дека под такви услови нема да ги прифатат уставните промени што треба да ни отворат врата за продолжување на започнатите преговори со Европската унија. Или, како што планираат, место ЕУ и Бугарија да ни поставуваат услови, ние ќе им поставуваме на нив, односно ќе бараме од нив гаранции и отстапки, од тоа примената на уставните измени да биде одложена (без да се каже до кога), па до тоа ЕУ да ни ги гарантира македонскиот јазик, македонскиот идентитет и дека процесот на преговори натаму нема да се „балканизира“.
„Нашиот став, што го имавме и досега, е кристално јасен. Под вакви услови ние не прифаќаме уставни измени. Без никаков сомнеж одложната примена на уставните измени е легитимна алтернатива која што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ. Истовремено од наша страна ќе се бараат гаранции од ЕУ за македонскиот јазик, идентитет, но и гаранција дека веќе нема да имаме билатерализација на европската интеграција на нашата држава. Она што треба да го знаат нашите сограѓани е дека доаѓа крај на попустлива надворешна политика, која имаше само една цел во последните години, а тоа е да ги штити тесните интереси на оние што беа на власт“, заклучи Тимчо Муцунски на презентацијата на програмата.
Другата порака, што се гледа меѓу редови, е дека ќе продолжи политиката на растурање на институциите, со ставање свои кадри на сите позиции и со нова циркусијада со враќањето на амбасадори – нешто што не го правеа СДСМ и ДУИ кога направија влада, во интерес на политичко помирување во општеството. И Тимчо Мицунски и Антонијо Милошоски во обраќањето вчера на презентацијата на програмата најавија дека прво што ќе прават е да ја „евалуираат“ работата на нашите дипломати и да ги отповикуваат сите што „не постигнале резултати“, а особено тие што не донеле ниту еден стратешки инвеститор во земјата!
Да биде уште покарикатурално, во време кога светот го тресат војни и безбедноста стравотно е нарушена, кога сојузништвата вредат многу повеќе од претходно и кога е многу важно Македонија да не е сама, тие најавија дека приоритет на МНР ќе бидат економската, научната, образовната и културната дипломатија. Ако, пак, се случи да мора да ги делат ингеренциите со Стево Пендаровски како претседател, тоа значи дека многу амбасади ќе останат празни бидејќи амбасадорите ќе се враќаат, а новите нема да добијат потпис од шефот на државата.
„Една работа што мора веднаш да ја направиме е евалуација на работата на нашите дипломатски и конзуларни претставништва. Знаеме за попустливоста на МНР, знаеме за стратешките грешки, но, огромен дел од проблемот е што Македонија во моментот има катастрофална дипломатска мрежа. И затоа прво ќе треба да се направи евалуација што прават во својата работа нашите амбасадори и конзули, за кои што се издвојуваат значителни буџетски средства, ки резултати ги постигнале, дали успеале да донесат некој инвеститор кој отворил работни места во Македонија. Врз основа на таа евалуација потоа ќе цениме дали некој постигнал резултати, а тие кои не постигнале ќе треба да бидат отповикани, а професионални, стручни и компетентни кадри да седнат на нивно места. И, во таа смисла како приоритет ќе биде економската дипломатија, научната дипломатија, образовната и културната дипломатија, т.е. оние аспекти на надворешното политичко работење кое носат добро за граѓаните на Република Македонија“, потенцираше Муцунски.
Друга порака од најавената програма на ВМРО-ДПМНЕ е дека имале силна потреба да покажат дека нивната ориентација сепак е Европската унија и дека не држат нападите дека тие не се дел од европскиот фронт што го преферираат албанските партии во државата. Затоа, во неа стои дека основен приоритет на нивната надворешна политика ќе биде полноправно членство во Европската унија, силна усогласеност со нејзината надворешна и безбедносна политика (сакаат да кажат дека не се „за“ Русија, како што тврдат ДУИ и СДСМ, но не ја споменуваат) и негување на стратешкото партнерство со САД.
Како ќе изгледа тоа во реалноста јасно е уште сега, а ќе биде уште појасно кога ќе отпатуваат во Брисел и место Северна Македонија ќе кажуваат Република Македонија, праќајќи директна порака до ЕУ и до САД дека не само што не го прифаќаат францускиот предлог и договорот со Бугарија, туку не го прифаќаат ни Преспанскиот договор, додека парадираат дома со непопустливоста како главен принцип во надворешната политика. Со вакви најави Бујар Османи ќе ни изгледа како Хенри Кисинџер, а Украина ќе ни држи лекции од евроинтеграција. (С.Ј.)