ВМРО-ДПМНЕ ја спори верификацијата на мандатите, си излезе од Собрание


Фото: Б. Грданоски

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата во Собранието и нема да учествува во верификацијата на мандатите на пратениците, соопшти пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

-Очигледно забелешките процедурално од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не допреа до вас и констатацијата дека и порано се правело вака не дозволува понатамошно кршење на Деловникот. Од тие причини јасно ви укажавме и покажавме согласно Деловник дека Верификационата комисија престанала да постои по првата конститутивна седница. Вашите недокажани објаснувања не ви даваат за право да веруваме дека ќе ги почитувате забелешките и она што деловнички е предвидено согласно Деловникот за работа на Собранието. Од таа причина пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во понатамошниот тек на и на оваа седницата и на седниците за верификација на мандати нема да учествува, рече Мицевски и пратениците ја напуштија собраниската сала.

Аргументите на власта беа дека ова била досегашна пракса на сите претходни собраниски состави. Првин се одзеде време за верификацијата на новиот пратеник Бедри Фазлиу, кој дојде на местото на Фљорин Бесими, брат на предложениот министер за финансии Фатмир Бесими. Потоа, еден по еден членовите на идната влада даваат оставки, а ДИК праќа известувања кој е наредниот пратеник што ќе влезе во Собранието. Досега е верификуван мандатот на пратеничката Драгица Ѓавочанова која дојде на местото на мандатарот Зоран Заев откако тој си поднесе оставка од пратеничкото место.Собранието ја констатираше и оставката на пратеникот Љупчо Николовски, кој ќе треба да извршува министерска функција. Оваа постапка ќе биде применета за сите пратеници кои ќе бидат дел од идната влада.

Да биде покомплицирано, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска тврдеше дека мандатот на Верификациската собраниска комисија е истечен и дека ако се продолжи со работа, еклатантно се крши Деловникот на Собранието. Тоа што се правело и претходно така, за неа не е причина да смета поинаку.

– Сакам да укажам дека нашата работа и нашиот мандат е замрен. Како Верификациска комисија ние постоиме исклучиво само за време на конститутивната седница согласно член 12 од Деловникот на Собранието. Нашиот мандат е завршен и со тоа нашите надлежности се исцрпени и ние како ВМРО-ДПМНЕ не сакаме повеќе од учествуваме во работата на ова комисија и еве препорачувам до вас сите да престанеме да работиме бидејќи ако продолжиме со работа еклатантно го кршиме Деловникот – посочи Ласовска.Според неа, потребно е да се работи исклучиво според Деловникот на Собранието, а не според, како што рече таа, погрешните парламентарни пракси, потенцирајќи дека нема повеќе да учествува во работата на комисијата.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски рече дека избран е овој начин поради однесувањето на опозицијата.

Уште седум пратеници стануваат министри и сите ќе поднесуваат оставки/ќе се верифицираат нови пратеници место нив, по истиот бавен начин.Пратеничката Гордана Давкова-Силјановска рече не ја интересира како претходно работела ВМРО-ДПМНЕ и оти бара овој парламентарен состав да почне да го почитува Деловникот.

Ќе следува долга ноќ и уште подолги паузи, зашто оставките ќе доаѓаат една по една.