ВМРО-ДПМНЕ ја спореди Еуростандард банка со ТАТ


Се случува ли нов октопод и ТАТ втор дел?- праша денес Гордана Димитриеска Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека станува збор за сериозен удар во банкарскиот и финансискиот сектор.

-Со ова директно и индиректно засегнати се огромен број на пензионери кои добиваат пензија преку користењето на услугите на банката, луѓе кои добиваат плата, и бизниси кои ги користеле услугите на банката.Со пропаѓањето на банката доведени се во прашање исплатите кон 55 илјади граѓани, од кој над 35 илјади пензионери и речиси 20 илјади приматели на социјална помош.Со ова на терет на државата во услови на криза се додаваат депозити во износ на 4.4 милијарди денари или околу 70 милиони евра.

Дилеми кои се наметнуваат во овој момент се: Што ќе се случи со депозитите на правните и физичките лица? Загрозени се и лицата кои имаат станбен кредит. Важно е и прашањето што ќе се случува со лицата кои имаат хипотекарен станбен кредит, кои редовно си го исплаќале, дали ќе се активираат хипотеките и ќе се продаваат преку извршители?

Ова ќе создаде хаос во банкарскиот сектор и тоа во услови на корона криза. Проблемот треба да се гледа и посистематски,  особено ако знаеме дека во јавноста кружеа информации дека банката имала проблем уште минатата година. Дали кризата влијаела и колку влијаела на пропаѓањето и зошто ништо не е преземено од страна на државата за спас? Власта да одговори и дали сега се преземени сите дејствија за спасување на банката. Исто така сето ова ќе ја подгрее недовербата кон банките, можна е спирално вадење на депозитите  и страв од нови банкарски турбуленции, оцени Кочовска.