ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави одлуката на ЕУ, тие ќе ја внесле Македонија во Унијата


Фото: Б. Грданоски

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со кусо соопштение ја поздрави „позитивната одлука на Советот на министри на ЕУ, го очекуваме и датумот за првата за првата меѓувладина конференција со земјите-членки на ЕУ“.

Во соопштението се наведува: „Како што се посочува и од самата Унија потребно е да се исполнат голем број реформи, особено во правосудството, борба против корупцијата, економијата и заштита на стандардот на граѓаните“.

Понатаму во соопштението се додава дека „Зоран Заев и СДСМ ја понижија, омаловажија и опустошија Македонија, доаѓа времето кога ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе ги направи граѓаните и Македонија горди“.

Според партијата „добрата вест за граѓаните е што после следните парламентарни избори владата на ВМРО-ДПМНЕ успешно ќе ги спроведе преговорите и на брза лента ќе ја внесе државата во ЕУ“.

Неодамна, лидерот на партијата Христијан Мицкоски по објавувањето на позитивниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија изјави дека тоа била лажна вест и дека не се согласува со оценките на Брисел. Иако тој извештај и усвојувањето на законот за јавно обвинителство ја отворија портата за ваквата одлука на ЕУ.

Мицкоски во вечерашното гостување на Македонската радителевизија ја обвини техничката влада дека „ништо не направила“ во справувањето со вирусот. И дека само еден човек вистински работел во целата влада, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев кој е предлог на ВМРО-ДПМНЕ. „Според Мицкоски единствен кој што покажал грижа и целосна посветеност за спречување на ескалацијата со пандемијата е министерот за внатрешни работи Наќе Чулев кој што вршел контроли и посети на граничните премини, контрола на полицискиот час, како и контрола во општина Дебар која што беше жариште на пандемијата“, пишува во соопштението на партијата.

Тој уште рече дека „власта треба да го применува она што го предложува ВМРО-ДПМНЕ, затоа што е во насока на грижа за здравјето на граѓаните, како и тоа дека треба да се заштитат и поддржат луѓето коишто во прва линија се борат голораки против пандемијата, заради недостиг на медицинска опрема“.   (Н.В.)