ВМРО-ДПМНЕ стави „печат“ на кандидатурата на Данела Арсовска за градоначалник на Скопје


Она што со денови се зборуваше во политичките кругови, денеска беше официјализирано – ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи кандидатурата на Данела Арсовска за градоначалник на Скопје на претстојните локални избори, соопшти денес лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Во партиското соопштение се вели дека одлуката била донесена на денешната седница на Извршниот и Централниот комитет.

На Скопје му е потребно способен и подготвен менаџер на градот, личност која ќе ги обедини најспособните и најкомпетентните за да се гарантира неговиот развој. Но исто така и влевање на сериозна надеж дека знаеме како треба да се обезбеди развојот на градот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Скопје мора да стане град за сите луѓе. И секогаш во нашите одлуки се водиме пред се од интересот на сите граѓани. Во овој случај, имавме во предвид дека потребно е да се избере решение кое обединува, кое ќе може над партиски да обедини професионалци и компетентни луѓе и личност која е докажан професионалец во својата работа. Токму ИК на партијата, а потоа и ЦК донесе одлука да го поддржи идниот градоначалник на Град Скопје, а тоа е Данела Арсовска“, ги појаснува Мицкоски мотивите за поддршка на Арсовска.

Тој вели дека денеска донеле значајна одлука „со која се означува времето на промени, на нов почеток за Скопје кое ќе е на сите луѓе“.

„Цврсто сум убеден дека го имаме идниот градоначалник на Скопје. Да се обединиме сите жители на Скопје околу жената која ќе го креира идниот развој на Скопје. Скопје заслужува промени, Скопје ќе се избори за промени“, вели Мицкоски.

Во соопштението детално и се објаснува ваквиoт чекор на партијата, да не истакнат партиска личност, при што меѓу другото се вели „Градот Скопје доживува сериозна стагнација и дека четири години се промашени за развојот на главниот град“.

Притоа, клучните ветувања за капитални проекти кои ќе го подобрат живеењето на скопјани не се реализираат. Нема ниту еден значаен капитален проект од актуелната управа во градот кој е започнат, изграден, а потоа реализиран, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако оправдувањето на власта е дека имало недостаток на средства за нови капитални проекти, тогаш одговорот е дека тоа не е точно затоа што за повеќе од 4 години потрошени се 4 буџети на градот Скопје од вредност е над 400 милиони евра. Повторувам потрошени се над 400 милиони евра, а епилогот е град кој не се развива и создава решенија за проблемите на скопјани. Во Скопје нема недостаток на финансиски средства за проекти, во Скопје има недостаток на градоначалник и тим кои ќе работат и ќе го развиваат градот, вели Мицкоски, додавајќи дека како епилог на ваквите политики кај граѓаните има апатија ирезигнираност кај граѓаните, како и „гадење од политика, и демотивација“.

Затоа, според него, работите треба да ги преземат „професионалци и компетентни луѓе со докажан квалитет и резултати зад себе“.

„Данела за градоначалник е одговорот и решението“, вели Мицкоски.

Експресно реагираа од СДСМ – од каде што велат дека Даниела Арсовска е кадар на Никола Груевски и дека „е уште една потврда дека и во ВМРО-ДПМНЕ знаат дека на претстојните локални избори ги чека уште еден пораз“.

„Таа е избрана само да го понесе поразот во Скопје“, велат од СДСМ, додавајќи дека „наместо кандидатура со печат на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска ќе се обиде да глуми наводна независност, ама со потписите на партиските членови на ВМРО ДПМНЕ“.