ВМРО-ДПМНЕ ја почна кампањата од Аеродром – „реки народ“ донесени со автобуси


Под слоганот за За твојот човек, за твоето место, за твојата иднина, но и пораки за делување а не празни ветувања ВМРО-ДПМНЕ ја почна кампањата од Скопје. Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, се повика на своето искуство и наследство , на визијата и на својата желба за работа како аргументи да ја добие поддршката од граѓаните. 

-Тоа искуство, тоа наследство, таа енергија сега ја носам во Скопје. Имам кредибилитет и докажана работа зад мене. Имам биографија на исполнети ветувања и задоволни граѓани на мојата општина Кисела Вода. Тоа можеби на некој му звучи како неважно, но е потврда дека Скопје ќе биде во раце на човек кој докажал дека знае да работи, знае да соработува, да ги сослуша граѓаните и да им се најде за секој проблем.
 
Јас не сум функционер, ниту пак сум имал кабинет со затворени врати. Јас се трудам да останам човек во секој поминат ден како градоначалник на Општина Кисела Вода. Затоа денес повторно ви велам. Јас сум Орце, Јас сум прво човек, па дури потоа градоначалник, посочи Ѓорѓиевски.
 
Тој истакна дека Скопје денес се соочува со големи предизвици меѓу кои загадениот водух, сообраќајниот метеж, дивите депонии, јавниот превоз кој е на работ на колапс.
 
-Ја слушам Јована, мајката од Аеродром која се грижи за безбедноста на своите деца, и на училиште и во сообраќајот. Го гледам Беким, сопственикот на мал бизнис од Чаир кој губи време и нерви барајќи паркинг. Ја чувствувам нетрпеливоста на младиот Никола од Радишани, кој чека автобус што повторно доцни. Го гледам и средношколецот од Волково кој мисли дека нема еднакви образовни услови како своите врсници. Знам дека многумина од вас се чувствуваат заборавено. Дека има граѓани од Сарај, Шуто Оризари, Ѓорче Петров или Ченто кои велат: „Ние не сме третирани еднакво“. Е, тоа време завршува! Јас знам едно: овие проблеми не се посилни од нас. Тие се тест за нашата решителност. А ние имаме сила, имаме волја и имаме план, потенцираше Ѓорѓиевски на вечерашниот митинг во спортскиот центар „Јане Сандански“.
 

Ѓорѓиевски ги истакна седумте столбови врз основа на кои е изградена програмата за Скопје, а кои воедно се и темелите за иднината на градот, за чист, зелен, модерен и достоинствен град.

-Првиот столб е одржлив урбан развој, ќе изработиме визија „Скопје 2025–2045, 20 годишен стратешки документ изготвен од меѓународни и наши експерти кои во себе ќе ги интегрира просторното планирање мобилноста, зелената инфраструктура, енергетската ефикасност, управувањето со ресурси, социјалната инклузија и заштитата на културно наследство согласно европските стандарди за квалитет на живеење.

Вториот столб е здрава животна средина, во првите 72 часа, почнуваме со „Генералка на Скопје“, tретиот столб е целосна комунална и сообраќајна обнова, ќе ги довршиме сите запрени проекти, хаосот со паркирањето ќе го решиме со катни гаражи во Буњаковец и Пролет, и монтажни паркинзи во сите критични населби.

Четвртиот столб е културата, Скопје ќе биде Европска престолнина на културата во 2028 година, ќе ја обновиме Универзалната сала и киното „Милениум“. Петтиот столб е дигитална трансформација, со паметната картичка „SKOPJE CITY GO“ и „Градски портал“, сите услуги ќе бидат достапни на едно место, шестиот столб се младите и науката и седмиот столб е јавната грижа и безбедноста, брз, ефикасен и достоинствен јавен превоз со нови, еколошки автобуси и градски воз кој ќе ги поврзе Драчево, Центар и Ѓорче Петров“, рече Ѓорѓиевски.

На собирот се обрати и премиерот Христијан Мицкоски.
 
-Доаѓајќи наваму, се присетив на сите наши битки, на сите наши предизвици, успони и падови кои заедно ги изодевме. Поздравувајќи се со вас, морам да кажам: иако можеби не можам да се сетам на сите имиња, ги познавам вашите ликови, ги препознавам вашите надежи и по допир вашите срдечни дланки. Тие не се разликуваат од надежите и лицата на сите наши луѓе низ нашата преубавата татковина Македонија. Тоа се лица полни со искуство, но и со доза разочараност од сè она што со години ѝ се случуваше на нашата Македонија. А се помина многу и се виде многу. Но, тоа се и срца полни со љубов кон својата земја, со надеж во своите очи – надеж која мене ме обврзува повеќе од сите вас да се борам за сите вас. И денес стојам скромно и искрено, како на почетокот од оваа моја улога, и ви велам: нема да ве разочарам и заедно ќе победиме за децата во Македонија, тврдеше Мицкоски. Тој
 
Тој на собирот во Скопје нагласи дека овие избори се одлука за тоа каква Македонија ќе победи.
 

-Одиме заедно до победа. Затоа што овие избори се одлука за тоа каква Македонија ќе победи. Има и такви кои живеат од татковината, и ние – народот – кои живееме за татковината. Колку и да една тесна, мала клика – која ги направи сите неморални коалиции и поврзувања – е спремна за сè само да дојде на власт. Вечерва сите тие и сите нивни слуги, кои сакаат Македонија да ја држат уценета, клекната и понижена, го добиваат одговорот. А, одговорот сте вие – народот на Македонија.

Немојте да се залажуваме дека ова се само обични локални избори, ова се избори за финалната битка за тоа каква држава сакаме. Ова се избори за тоа каква порака испраќаме до сите оние кои уриваа наместо да градат, правеа претстава наместо да штитат. Нив ги симнавме од власт, но сега треба да ги поразиме и да ги испратиме во пензија. И кога ве гледам во колкав број нè има вечерва, колку многу реки народ се слеаа по улиците до оваа преполна сала – јасно е: Ќе победиме! Ќе победиме сите заедно! Македонија ќе победи, рече Мицкоски.

Тие реки народ што ги спомена премиерот беа собрани од повеќе градови, за што сведочеа паркираните автобуси околу, иако вечерва се преставуваше кандидатот за градоначалник на Скопје и настанот беше во општина Аеродром. За разлика од претходните години видливо беше отсуството на позитивна енергија, и покрај полната сала. Она што беше исто е дека и на овој партиски собир функционери на власта доаѓаа со службени возила, а полицијата го блокираше сообраќајот на главната раскрсница за да поминат -што беше дочекано со силни свирежи од автомобилите на жителите во населбата.  

Мицкоски во говорот се врати и на омилената тема – СДСМ и наводните коалиции што ги прави за изборите. 

-Што се однесува до вториот договор под маса – тој на Венко, што го склучи со еден градоначалник што е на црната листа за криминал и корупција од една скопска општина дотолку се гледа тој таен договор за поддршка што се препознава од Месечината. Проформа, СДСМ извадија кандидат за градоначалник во Карпош, што ни самите не ја препознаваат, ниту ја поддржуваат ниту пак ја рекламираат. Да направат анкета – членовите на нивната партија ни името на жената не и го знаат. Ја пуштија низ вода, за да асот во Карпош на Венко мисли дека ќе победи. Истите луѓе, со истите вредности.

Веднаш штом ја напушти коалицијата, Стевчо отрча да коленичи во Струмица да се разбере со тогашната влада на СДС и ДУИ, а со него е лесно да најде човек заеднички јазик. Кога станува збор за интерес тој прв е подготвен да склучи пакт. Ваквите непринципиелни коалиции нема да успеат и ќе бидат поразени Зошто? Зашто и првиот договор и вториот се рефлексија на безидејноста во која овие партии тонат. Не се реформираа. Останаа заглавени и верни на бизнисите и тендерите, и затоа се сојузуваат – за да ги спасат своите кариери. И овие сценарија се полесниот начин да избегаат од реалноста дека на овие избори ќе паднат уште повеќе и едвај ќе се држат на 120 до 130 илјади гласа поддршка. Некогаш големата и според нив државотворна СДСМ спадна на рамниште да прави пактови  под маса за да опстане. Но народот, овој пат – на овие избори – ќе им свири крај. Бидете сигурни, истакна Мицкоски.

Мицкоски посочи и на наводното додворување на СДСМ и Филипче кон Бугарите на штета на Македонија.

-Втората работа што сакам да ја посочам е оној подарок на Венко за нашиот источен сосед – нов „бонбона-бизнис“. На времето, неговиот ментор, кога беше во прашање името, ни го спакува во метафората „да не му ја чепкаме жицата на гитарата“. Демек, тој многу се грижел за името, кое на бездушен начин ни го промени. Сега гитарата се вика „црвените линии“ на Венко, спакувани во еден документ кој што тој го нарече, резолуција.

Сте се запрашале ли зошто зборува за црвени линии, кога тој самиот нè убедуваше дека францускиот предлог е најдобриот што постои и не може подобар да биде? Па сега вели дека тој документ наречен резолуција, бил „најпатриотскиот документ“ било кога направен. Дојде време ова СДСМ да збори за патриотизам – верувале или не. А што била опцијата? Ако не сме го сменеле Уставот како што сака Венко – да не сме преговарале веќе за ЕУ? Добро, во ред – но кое е решението што ни го дава Венко? Кому треба сега овој негов предлог да служи? Јасно е дека ова е некое ново додворување на СДС кон нашиот источен сосед, на штета на Македонија. Но сакам да им биде јасно и на нив и на оние од кај нашиот источен сосед, тоа јас нема да го дозволам, за мене и за оваа македонска влада, постојат само македонски црвени линии, треба тоа да ви е јасно. А, тоа се македонските државни и национални интереси истакна Мицкоски.