ВМРО-ДПМНЕ ја нарекува „мафија на смртта“, а Мицкоски вели дека „Пановски“ и натаму ќе добива тендери


 

Вчера утрината редовниот читач на соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Бране Петрушевски велеше дека „не смее цела држава да биде заложник на мафијата на смртта“, мислејќи на веледрогеријата „Д-р Пановски“. И додаваше: „Со години мафијата на смртта предводена од веледрогеријата ‘Д-р Пановски’ книжи енормни заработки и ги уценува Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство. Јавното обвинителство не треба да молчи и треба да постапи во случајот со Онкологија“.

Вечерта премиерот Христијан Мицкоски, кој е и лидер на ВМРО-ДПМНЕ ги смируваше овие жестоки обвинувачки тонови на партијата со кои веледрогеријата беше поврзана директно со смртта.

Проблемот со недостатокот на лекови на Клиниката за онкологија е решен за рекордно време, нема да се повтори во иднина и по првпат нема да се земаат лекови на реверси, без контрола и со избор на преферирани веледрогерии ,рече Мицкоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

На прашањето како тогаш и актуелното раководство на Клиниката склучило договор со веледрогеријата „Пановски“, посочувана од ВМРО-ДПМНЕ како омилена на претходната влада, Мицкоски вели дека разликата е во тоа што сега нема земање лекови на реверс. Новиот договор е вреден 2,3 милиони евра.

Премиерот не вели дека „Д-р Пановски“ е „мафија на смртта“, туку посочува дека таа веледрогерија е застапник на позната светска компанија која произведува дел од лековите што се користат на Онкологија.

„Претпоставувам во иднина ќе има такви договори. Затоа што таа веледогерија соработува со светска компанија која е производител на дел од тие лекови коишто се аплицираат на пациентите. И природно е во иднина истата веледрогерија, се додека соработува со таа светска компанија, станува збор за една од врвните пет компании во светот, кога ќе има јавни набавки, претпоставувам, да се јавува и да добива, но разликата е што сега повеќе нема реверси. Разликата е што сега има јасна контрола на вијалите кои се аплицираат – каде, колку и на кои пациенти се аплицираат“, рече Мицкоски.

На прашањето што е подобро – да се земе на реверс или пациентите да се остават да умираат чекајќи терапија, премиерот рече:

„Не би се сложил со оваа логика затоа што дилемата сега е – дали е подобро да направиме две кривични дела, отколку да не направиме ниту едно кривично дело. Дали е подобро да направиме две кривични дела за да помогнеме некому или да не направиме кривично дело, а повторно со одложено дејство да помогнеме некому. Јас сум повеќе за ова второто“.