ВМРО-ДПМНЕ ја нараче инвазијата „конфликт меѓу Украина и Русија“


 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека е за почитување на нормите на меѓународното право, но инвазијата на руските сили ја нарече „најнова ескалација на конфликтот помеѓу Украина и Руската Федерација“. ВМРО-ДПМНЕ во соопштението на прво место соопштува дека ги поддржува ставовите на Европската народна партија (чиј член е), а потоа и дека ги поддржува ставовите на НАТО за „предизвиците со кои се соочува светот денес“. За на крај повторно да ја нападне владата околу цената на енергенсите.

Еве го соопштението во целост:

„ВМРО-ДПМНЕ, во согласност со своите идеолошки, програмски и стратешки уверувања и делувања, во целост ги поддржува ставовите на партиите од Европската народна партија во врска со најновата ескалација на конфликтот помеѓу Украина и Руската Федерација.

Уште еднаш го повторуваме ставот дека за ВМРО-ДПМНЕ почитувањето на нормите на меѓународното право, чиј носечки дел се територијалниот суверенитет, интегритет и независност на Украина, се фундаментално важни.

ВМРО-ДПМНЕ, како во минатото, така и сега, но и во иднина, во целост ги поддржува ставовите на НАТО во однос на предизвиците со кои се соочува светот денес.

ВМРО-ДПМНЕ ѝ порачува на Владата, наместо на криминал и корупција, конечно да почне да размислува за преземање на активности кои, во согласност со новонастанатата ситуација, ќе спречи натамошен раст на цената на енергенсите, односно натамошен раст на инфлацијата и вкупно урнисување на уништената од криминал и корупција македонска економија“.