„Од ‘сваровски’ стигнавме до ‘кацарска’ судство во кое Кацарска, како прекршувач на Уставот и основните човекови права, се предлага и ќе биде избрана за уставен судија. Остануваме на статусот ‘кадија те тужи, кадија те суди’, односно на времето на ‘заевизмот’ и ‘заевистичкото’ мешање во сите власти. По овој пример можеме да очекуваме Заев да ја именува Лидија Димова за министер за финансии, Катица Јанева за министерка за правда, а Боки 13 за директор за Фондот на иновации“, реагираше Дафина Стојановска пред чиј микрофон беше поставен написот „Стоп за трас – трас уставен судија”.

Според неа, во земјава нема ниту правда, ниту мир, има само криминал и сиромаштија.

„Кацарска е судија на која Уставниот суд ѝ поништи одлука и која не ги знае Уставот и законите. Никаде во светот ваков човек не може да биде уставен судија, но кај нас овој преседан ќе стане реалност“, подвлече Стојановска.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери свирењето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го нарече инвентивно и го квалификува како напредок од „времето на тенџерињата”.

„Ова е демократија. Дајте ми барем и мене свирче. Се надевам дека Европската комисија ова ќе го нотира во следниот Извештај како слобода на изразување“, истакна Џафери.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на почетокот од расправата апелираше предлагачот да се јави за збор и да образложи зошто Кацарска е изборот на уставен судија. Мицевски токму поради тоа што никој не беше пријавен за збор да го објасни ваквиот предлог, претходно побара пауза од половина час за да се запознаат, тој и неговите колеги, со биографијата на Кацарска.