ВМРО-ДПМНЕ и на Илинден го обвини Заев дека бил лицемер
Веднаш по обраќањето на премиерот Зоран Заев во Пелинце, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвини дека тој не можел да говори за обединување бидејќи ги дели граѓаните и неговите постапки биле антимакедонски.
„Зоран Заев лицемерно денес говореше за илинденските и асномските идеали, истите оние кои што ги погази. Граѓаните ги паметат неговите зборови со кои ја омаловажуваше Народноослободителната борба и АСНОМ, со кои како на пазар тргуваше со Илинденското востание и револуционерите од таа славна епопеја. Флоскулите кои денес ги кажува Заев се срамен обид да ги покријат неговите антимакедонски дела“, се вели во соопштението на опозициската партија.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев не можел да говори за обединување, затоа што тој е оној „што ги подели граѓаните, на мала елита која е околу него и огромно мнозинство народ кој ниту живее подобро, ниту чувствува слобода… Не може да говори за обединување додека елитата која ја предводи е заштитена како бела мечка, а сите неистомисленици ги шиканираат и драконски ги судат“, велат од опозициската партија.