ВМРО-ДПМНЕ го загуби мнозинството во Македонска Каменица


 

ВМРО–ДПМНЕ, една година по локалните избори, го загуби мнозинството во Советот на Општина Македонска Каменица, соопштија од СДСМ. Двете партии имаат по четири советници, а има и тројца независни советници кои во Советот влегоа од две независни листи.Тројцата независни и четворицата од СДСМ, како што соопштија од партијата, го смениле и претседателот на Советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ и храбри независни советници се ново мнозинство во советот на општина Македонска Каменица. Разрешен е досегашниот претседател од ВМРО–ДПМНЕ Љупчо Трајановски. Со 7 гласа за и 4 против за претседателка на Советот е избрана Анета Стојчевска. Ова се случува само една година по локалните избори на кои ВМРО-ДПМНЕ освои мнозинство во повеќето општини во државата“, велат од СДСМ.

Од партијата обвинуваат и дека локалните власти од ВМРО-ДПМНЕ не работат ништо и не ги реализираат ветувањата, ниту пак ги продолжуваат проектите од нивните претходници од СДСМ, а оние што ги продолжуваат ги присвојуваат како свои.

СДСМ освои повеќе гласови на изборите за Советот, но кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Димчо Атанасовски, победи во вториот круг на изборите за градоначалник.