ВМРО-ДПМНЕ го решава загадувањето – плукајќи по СДСМ!

Скопје со денови руши светски рекорди по загадување, а Владата не најавува ниту една мерка како да не е од тука


Додека Скопје со денови урива рекорди во загадување и тоа во светски рамки, а граѓаните не можат да дишат и ги полнат болниците, од Владата и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ нема никакви најави што ќе се преземе како мерка и место тоа се раскажуваат теории како би требало да се решава проблемот и кој бил крив, т.е. не направил ништо досега да се смени ситуацијата.

Во тие критики забораваат два битни факта – дека СДСМ добија шут карта за неправењето, иако веќе сега е јасно дека правеа повеќе од актуелната влада. И вториот – дека ситуацијата драстично ескалираше додека беше на власт претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, кога се увезуваше и гореше опасен отпад во земјата, така што никој не е невин во ситуацијата, а граѓаните ги интересира што натака. 

Вчера премиерот кажа дека гасни централи би можеле да го решат загадувањето така што од октомври до март ќе се смени системот на затоплување во домовите, но дека тоа е процес што би траел со години, без да најави конкретен план и временска рамка кога што ќе биде направено, а не пак сеопфатен концепт, бидејќи одамна е јасно дека има повеќе извори на загадувањето, со сообраќајот како водечки. Министерот за екологија ретко и да зборува на оваа тема и никаде го нема додека сите медиуми објавуваат податоци за загаденоста во повеќе градови во државата. 

Место решавање на проблемот, ВМРО-ДПМНЕ се фати за испробаниот рецепт, т.е. напиша соопштение и го посочи СДСМ како главен виновен за ситуацијата. И со тоа треба да си ги оправдаат платите, да ја оправдаат довербата што ја добија и да ги оправдаат очекувањата. 

„Со секое бледо напишано соопштение, СДС само си ја потврдуваат нивната неспособност и тоа дека за седумгодишното владеење не направиле ништо за намалување на загадувањето на воздухот. СДС за седум години власт да се грижеа за амбиенталниот воздух и животната средина, колку што се грижеа за местење матни тендери од кои профитираа милиони, до сега ќе се видеа првите резултати“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„На сите им е јасно дека загадувањето на воздухот не е проблем што се решава со брзи решенија од денес за утре, туку тоа е проблем кој бара системски решенија кои даваат резултат на среден и долг рок. ВМРО-ДПМНЕ како одговорна власт со чесен пристап ко граѓаните, не ветува дека веднаш, со магично стапче ќе го исчисти воздухот, затоа се обврзува на долгорочна и системска стратегија која реално ќе го намали загадувањето. За таа цел потребно е промена на начинот на затоплување на домовите, што подразбира повеќе користење на еколошки горива, меѓу кои и централно затоплување, а затоа е потребно да се изградат гасни централи. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ интензивно работи на изградба на такви гасни централи, а веќе има и заинтересиран инвеститор“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Практично немаше да ја има ни оваа реакција да не беа обвинувањата од СДСМ дека е зачудувачки и во исто време загрижувачки како власта на ВМРО-ДПМНЕ со голема леснотија го игнорира загадувањето на воздухот во државата и не презема ништо. Од најголемата опозициска партија тврдат дека кога беше опозиција ВМРО-ДПМНЕ најавувала над 1 милијарда евра за инвестиции во чист воздух и намалување на загадувањето за 50 отсто.

„Како власт ДПМНЕ сега не презема ништо. Поминаа седум месеци, мерки против загадувањето нема. Дополнително власта ги намали парите за борба против загадувањето на воздухот за 51 отсто, а во буџетот 2025 година ги нема ниту еколошките програми кои со години се реализираа успешно. Ниту еден амандман на СДСМ за еколошоки проекти и зголемување на парите за борба против загадувањето не беше прифатен од страна на власта“, соопштија од СДСМ.

Иако е полесно да се критикува отколку да се направи, факт е дека од ВМРО-ДПМНЕ не прогласија ни слободен ден заради нечист воздух ниту пак повикаа на носење маски поради загадувањето и, како најголем парадокс, имаше неверојатен молк околу палењето на бадниковите огнови кои дополнително ги триеја пред сѐ скопјани.