ВМРО-ДПМНЕ го прогласи Уставниот суд за неуставен, СДСМ тврди дека сакаат уставна криза

ВМРО-ДПМНЕ го прогласи за неуставен изборот на новите уставни судии, откако власта реши да ја прекине фарсата со блокадата и тие предлози што поминале на комисиската расправа – да ги стави во процедура за гласање на пленарна седница на Собранието. Според опозицијата, ова е кршење на Деловникот на Собранието иако 12 месеци трае драмата со Уставниот суд и не се гледа дека наскоро ќе има завршница иако се наближува денот кога во него ќе нема можност за изгласување на одлуки. Од СДСМ порачаа дека ВМРО-ДПМНЕ сака да предизвика уставна криза, а тие тоа нема да го дозволат.
-Начинот на избор на уставни судии го прави Уставниот суд неуставен, тврдеше денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски , најавувајќи дека претседателката на собраниската Комисија за избори и именувања ќе добие најмалку интерпелација за кршење на Деловникот и начинот на работа. ВМРО-ДПМНЕ, нагласи Мицевски, ќе бара точката за избор на уставни судии да биде тргната од дневен ред на денешната собраниска седница, посочувајќи дека тоа се прави неделовнички и неуставно и дека предлогот е за избор на тројца уставни судии и на крај мора да се гласа во целина за тројцата.
Изборот на уставни судии според Мицевски е почнат во јуни 2021 година и, по едно или две продолженија од минатата година, 11 или 12 месеци не се закажа Комисија за избор на уставни судии.
– Не е проблем на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група што некој 11 или 12 месеци не работел по таа седница. Дополнително самата точка е одлука за избор на три уставни судии. Ние имаме девет предлози, дел од нив се разгледани и за дел е гласано, меѓутоа предлогот на крај се гласа во целина и таквиот извештај се доставува до Собрание. Вака поделено, ниту е завршена работата, ниту може да дојде во оваа ситуација, изјави Мицевски. Овој пратенички состав, според него, може да го фрли и Етичкиот кодекс и Деловникот за работа на Собранието.
– Завршено е и со Деловникот и со Етичкиот кодекс ако помине ваквиот избор на уставни судии, изјави Мицевски.
Во однос на ставот на власта дека процедурите не се прекршуваат, Мицевски рече одлуката е за избор на тројца уставни судии, а вака се ускратува правото за гласање за предлогот.
– Еве хипотетички, ако власта вели дека може така, зошто веднаш по изборот на првиот судија не го пуштија на Собрание како точка на дневен ред и да го избереме. Изборот на првиот предлог беше пред четири или пет месеци. Зошто не го пуштија тој извештај, рече Мицевски.
„Во Комисијата за избори и именувања се води дискусија и се гласа за секој предлог посебно без разлика дали е за Уставен суд или некое друго тело. Претседателката на Комисијата го извести претседателот на Собранието дека за двајца од предложените со мнозинство е изгласано дека треба да продолжат во понатамошна постапка“, реплицираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
Митрески истакна дека со блокадата на изборот за уставни судии, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сакаат да предизвикаат уставна криза, нои дека СДСМ и парламентарното мнозинство тоа нема да го дозволат.
„Ако е целта на опозицијата да го блокира изборот на уставни судии и да ја доведе државата во уставна криза, бидејќи во ноември истекува мандатот и на петтиот уставен судија, ние тоа нема да го дозволиме. И ова сето што го правиме е во склоп на процедурата, но и спречуваме да се предизвика уставна криза”, порача Митрески, додавајќи дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со месеци намерно го одолговлекуваат изборот на уставните судии.