ВМРО-ДПМНЕ го осуди Костадинов за „повик за убиство“ на Латас

ВМРО-ДПМНЕ го осуди, како што оценуваат, повикот за убиство и линч врз новинар од страна на Костадин Костадинов повикувајќи го МВР да реагира и да го повика на распит.
„ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува овој говор на омраза од страна на Костадин Костадинов врз новинарот Драган Павловиќ – Латас и бараме итна разрешница. Ова е доказ за тоталната безидејност на СДС. Кога немаат идеи – имаат омраза, кога немаат програма – имаат насилство, кога немаат политика и предлози – имаат некрофилија.
Градоначалникот на Струмица и близок соработник на Заев, оди по неговите стапки. Едниот живи луѓе јадеше, овој сега се заканува на новинари дека ќе се осветува на свој начин. Матрицата на СДС е таа и нема менување. Позади ваквата нарачка за линч на новинар седат директно Венко Филипче и Зоран Заев. Ова се вистинските лица на соработниците на Заев и Филипче. Повикуваат на убиства на новинари, ова го нема никаде!
Партијата чиј член и градоначалник е Костадинов, молчи и не се оградува од коментарите на Костадинов. Го повикуваме МВР да реагира и да го повика на распит градоначалникот на СДС по бруталните закани“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Костадинов преку Фејсбук реагираше на навредите од Драган Павловиќ – Латас кон неговиот татко, откако новинарот во последно време се обидува да се врати како медиумски релевантен.
Латас во еден поткаст рече дека Костадинов бил многу богат, а татко му ја прокоцкал куќата и целиот имот, па сега градоначалникот Костадинов се збогатил и имал куќа, коли
„Кога немаш што да кажеш против човекот – ќе удриш по татко му. Тоа го направи Драган Павловиќ -Латас. Во директна, срамна и политички нарaчана служба за ВМРО-ДПМНЕ, го впери прстот кон покојниот татко на градоначалникот Костадин Костадинов – Колјо Фани – човек што го познаваше цела Струмица. Не го спомна заради факт. Не заради вистина.
Туку заради политичко кучешко слугување. За да навреди. За да понижи. За да гази таму каде што газат само безчувствителни, безименски платеници“, напиша Костадинов.
„Колјо Фани не беше политичар. Беше човек. Работник. Добар татко. Другар. Храброст што се учеше од него. Да го плукнеш него – значи да плукнеш по сечие детство, по народната правда, по маалската чест. Во момент кога некој ќе чепне во светото, не се одговара со прес-конференција. Се одговара со збор што сече. Со тишина што притиска. Со вистина што го тресе непријателот до коска. Чепна во покојниот татко ми – тоа нема да ти помине.
Од овој ден, го носиш ова како товар. Не само ти – туку секој што ќе те гледа во очи
Струмица не брани личност туку чест. Во овој град, фамилијата е светиња. Покојниот се чува. Кога ќе удриш таму – тоа не е политички напад. Тоа е војна. И Латас ја отвори. Сам. Ама од денес, нека знае: Никогаш, никој, ниеден, нема да може да го изговори неговото име – без да му биде кажано: ТОА Е ТОЈ ШТО ГО ЧЕПНА КОЛЈО ФАНИ. Ова не е одговор. Ова е предупредување…
Латас направи грешка што ќе ја носи додека дише. А фамилијата Костадинов – ќе му ја врати додека постои. Проглас и аманет до сите родени и неродени Костадинови! ГО ИЗГОВОРИ ИМЕТО НА МОЈОТ ТАТКО СО ГАДНА УСТА, СЕГА ТИ НЕМА ВРАЌАЊЕ. Ти, Драган Павловиќ – Латас, не знаеш што направи. Во својата бедна, јадна и платена служба кон ВМРО-ДПМНЕ, ја згази последната црвена линија. Не удри по мене – туку по мртов човек. По мојот татко. По мојата крв. По основата на сѐ што сум. Да кажеш дека татко ми ‘ја искоцкал куќата’ и со тоа да го ставиш на маса за потсмев, тоа не е хумор. Тоа не е критика. Тоа е отворен воен акт кон моето семејство…Ти ветувам: Ова ќе го носиш на врат цел живот.
И кога ќе ми се роди внук, ќе знаеш дека некој Костадинов некаде знае кој си. И кога ќе шеташ по улица, ќе гледаш преку рамо – бидејќи не знаеш од каде ќе ти дојде наплатата. Цела фамилија Костадинови те чека. Не за тужба. Не за медиумски циркус. Туку за суд што ние го држиме. Според наши закони. Наши правила. Наши вредности. Кога ќе шеташ по улица, ќе гледаш преку рамо – ќе ти дојде наплатата!
Стапот има два краја. Твојот е безмилосен. Без прошка. Без заборав.Ова нема да помине. Ова ќе ти се врати. Не како текст – туку како живот. И нема крај додека ние не кажеме дека е завршено. Клетвата си ја заработи. Осветата ќе си ја добиеш. Секој што ќе го носи моето име – ќе знае што направи ти. А и ти ќе знаеш: го направи на погрешни луѓе“, напиша Костадинов.