ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Филипче дека дека се докажувал колку тестови има


Фото: Б. Грданоски

Откако вчера Министерството за здравство остро ги демантираше тврдењата на Христијан Мицкоски дека државава имала само уште 100 тестови за корона вирусот, ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвинува министерот за здравство Венко Филипче, за политикантство.

Орце Ѓорѓиевски, член на Извршниот комитет на партијата, на Фејсбук напиша дека Филипче се однесувал како портпарол на владејачката партија.

„Политикантството на Филипче на најјако. Човекот наместо да се грижи за тоа што состојбите му излегуваат од контрола, се впрегна да се докажува колку тестови има за корона. Виде шанса за политика и се впрегна во политичко докажување. Нека му каже некој дека е министер за здравство, а не портпарол на партија, а најмалку на Заев“, напиша Ѓорѓиевски на фејсбук.

Мицкоски во интервјуто за Канал 5 тврдеше дека имал информации за само стоте теста што ги споменуваше, но не сакаше да дава детали од каде му биле тие податоци.

Освен реакцијата на Министерството за здравство (кое потврди дека во залиха има 4.500 тестови), на Фејсбук се јави и министерот Филипче:

„Се чудам со каква леснотија Христијан Мицкоски ја лаже јавноста дека сме имале тестови за само еден ден. Џабе се бориме против лажни и неточни вести ако претседателот на најголемата опозициска партија свесно лаже и креира паника меѓу граѓаните. Бидете спокојни, тестови има и постојано се набавуваат резерви“, напиша Филипче.