ВМРО-ДПМНЕ го обвини Ковачевски дека „дезертирал“ од Армијата во 2001
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека, според информациите со кои располагале, премиерот Димитар Ковачевски го избегнал служењето на воениот рок во 2001 година со образложение дека бил „неспособен“.
„Според информациите кои стигнаа до нас, премиерот Ковачевски свесно го избегнал служењето на воениот рок и тоа токму во периодот на воениот конфликт во 2001 година, односно не одговорил на повикот на својата татковина кога за тоа бил побаран и кога ѝ бил најпотребен. Како и сите граѓани на Република Македонија кои во тој период служеа во редовите на АРМ, така и сегашниот нелегитимен премиер морал да се јави во војничките редови“, рече на прес-конференција пратеникот Драган Ковачки.
„Причината поради која дезертирал е дека е трајно неспособен. Ковачевски кој сега е премиер и ги ужива сите благодети на слободата и на демократијата, којашто ја има бидејќи луѓе загинале за таа слобода и демократија, додека тој бегал од војска, не се јавил на отслужување на воен рок и не се пријавил во 2001 година, иако бил повикан.
Го повикуваме дезертерот Ковачевски во рок од 24 часа да каже дали навистина избегал и дали е трајно неспособен, или лажел пред институциите и лекарите?
Да излезе и да каже, во спротивно ќе објавиме сѐ што имаме“, рече Ковачки.