ВМРО-ДПМНЕ го нарече историчарот Петар Тодоров „предавнички клиентелист“


 

Тешки обвинувања упати опозициската ВМРО-ДПМНЕ кон членот на Историската комисија од македонска страна, историчарот Петар Тодоров, нарекувајќи го „предавнички клиентелист“. Тодоров беше гостин во вестите на Сител по денешниот тензичен ден по повод годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, каде тој зборуваше дека политичките партии без исклучок на некој начин го „киднапираат“ Гоце Делчев за свои цели. И дека бугарската историографија е поставена врз такви основи со кои не може да биде прифатливо ничие друго мислење освен нивното. Тодоров уште рече дека во ваква зовриена атмосфера во односите меѓу двете земји ќе биде многу тешко да се постигне некаков напредок во работата на Историската комисија и нагласи дека би било добро во неа да учествуваат меѓународни експерти не да одлучуваат кој е во право, туку да помогнат во методологијата на работата.

На ова ВМРО-ДПМНЕ реагираше со овие зборови во соопштение:

„Тешко на Македонија кога опортунисти како Тодоров штитат идентитет, давајќи нејасни одговори на кристално јасни теми како идентитет, потеклото на Делчев, наши темелни црвени линии. Човекот на очиглед на целата јавност видовме како се препелка и тера политика, не се спротивставува на бугарските фалсификати, и наместо да разјаснува историски факти, се труди да оправда историски фаласификати.

Затоа Историската комисија наместо да затвора прашања, тие отвораат дилеми. Затоа што работат под диктат на политиката на Ковачевски и Османи.

Ако Тодоров има дигнитет треба да си даде оставка затоа што не нуди ниту еден одговор на ниту едно прашање. Предавничките политики на Ковачевски, си бараат предавнички клиентелисти како Тодоров“.

Инаку денеска по положувањето цвеќе на гробот на Делчев, врвот на ВМРО-ДПМНЕ одржа трибина насловена „Гоце е Македонија“ на која професорот Ванчо Ѓеорѓиев, кој си поднесе оставка од Историската комисија, зборуваше како Делчев пречкртал делови од уставот на ВМРО и напишал „Македонец“.