ВМРО-ДПМНЕ го нарече Груби функционер со „скромен капацитет“


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираше на интервјуто  на вицепремиерот Артан Груби во ТВ21 во кое рече дека лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски се согласил да има Албанец премиер последните 100 дена пред следните избори. Од опозициската партија го повикаа Груби да излезе и  да каже дека ДУИ прифатиле предвремени парламентарни избори следната година.

-За разлика од СДСМ/ДУИ, ние нема да навлегуваме во стапицата на националистички тези и романтизми кои ги користат за да го покријат криминалот кој се одвива во позадина.  Имајќи го предвид скромниот капацитет на Артан Груби и неговата политика на сеење омраза, поделби и национализам не очекуваме поинаков пристап од веќе видениот на рекла казала политики, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ.

Во интервјуто Груби рече дека  Зоран Заев ќе продолжи да биде премиер до средината на јануари следната година и дека останувањето на премиерската функција ќе зависи и од преговорите со Бугарија, но и од имплементацијата на новиот договор за влада.

-Договорот помеѓу ДУИ и СДСМ е да има премиер Албанец 100 дена пред парламентарните избори. Тоа е разговарано со Зоран Заев и со Али Ахмети. Интересно е тоа што Заев предвидел дека последните 100 дена на владата ќе ги води премиер Албанец. За тоа е согласен и новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски. Е сега, да кажам дека и во ВМРО-ДПМНЕ се согласни да има премиер Албанец. Тоа е разговарано помеѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Се мисли на последните 100 дена на оваа влада. Лично за ова разговарале Ахмети и Мицкоски – истакна Груби.