ВМРО-ДПМНЕ ги повторува оценките на Груевски – признанијата на вина биле „политички терор“


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска попладне преку соопштение ги повтори оценките на Никола Груевски дадени од Будимпешта дека признанијата на неколкутемина негови блиски соработници биле „брутален политички прогон“ и дека тоа го направиле за да се спасат од притисок. Меѓу тие што признаа вина се Гордана Јанкулоска, Мартин Протуѓер и Миле Јанакиески.
 
„Денешните признанија во судскиот процес се доказ за постоење брутален политичкиот прогон и терор од страна на власта. Очигледно соочени со притисокот на овој прогон со закани за големи казни денешните искази се индивидуален чин на луѓето да се спасат од овој притисок. Методите на Заев продолжуваат и од неговиот двојник Ковачевски.
 
Се соочуваме со власт којашто држеше во заложништво пратеник во премиерската вила само за да опстане извршната власт. Ако тоа се случи пред некој месец на овој начин, може само го замислиме степенот на теророт врз овие луѓе за да се спроведе денешното сценарио на ‘признавање на вина’.
 
Оваа власт го потценува овој народ кој беше сведоци на многу вакви епизоди последните пет години. Оваа власт е на колена“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.