ВМРО-ДПМНЕ ги почна нападите со навреди спрема Ристо Пенов


Фото: Б. Грданоски

 

Привидно се воздржуваа неколку недели, но припагандната машина си работи по свои правила. По познат образец ВМРО-ДПМНЕ денеска ги почна острите напади кон министерот за локална самоуправа, нарекувајќи го „Ристо Бекатон Пенов“ и обвинувајќи го дека сакал да „глуми шериф“.

Причината се изјавите на Пенов дека организаторите на протестот со автобусите  во Скопје треба гневот да го насочат кон тие што го креирале проблемот, а не против граѓаните, затоа што главниот град е во блокада поради нерасчистените сметки на ЈСП и приватните превозници. А за тоа штетата ја плаќаат граѓаните.

„Дезертерот Ковачевски го врати Ристо Бекатон Пенов од транзицијата за да може да се заканува и да глуми шериф за заштита на Арсовска, со која има тајна коалиција. Тој се заканува дека ќе трга автобуси од улица само затоа што не може да си го пие кафето на улица ‘Македонија’ наместо да работи“.

ВМРО-ДПМНЕ уште додава: „Ристо Бекатон Пенов е познат по многу работи, и ниту една не е од полза за скопјани. Тој ќе остане запаметен како градоначалникот кој ја смени коцката на плоштадот ‘Македонија’ и ја замени со босански плочки на лик на бекатон.

Во време на Ристо Бекатон Пенов оставени се целосно финансиски руинирани јавните градски претпријатија, со стара нефункционална механизација и возен парк, со екстремна превработеност“.

Ристо Пенов ја напушти градоначалничката функција пред 17 години, кога загуби на изборите од Трифун Костовски, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ; потоа два мандати цели осум години градоначалник беше Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ, па еден мандат Петре Шилегов од СДСМ, за сега градоначалничка да е Данела Арсовска, исто така, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.

Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ е во иста линија со изјавите за Пенов на директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, кој рече дека министерот за локална самоуправа „може и тенкови да ни испрати или можат да стрелаат врз возачите на блокадите“.