ВМРО-ДПМНЕ сака вонредната состојба да трае и трае, СДСМ е за побрзи избори


Двете најголеми политички партии повторно се разијдоа околу едно од клучните прашања во земјава – кога да се одржат парламентарните избори, кои се ставени под мраз откако договорениот датум – 12 април, се покажа нереален поради епидемијата со корона вирусот.

На одвоени прес-конференции денеска, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, и генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, излегоа со дијаметрално спротивставени ставови и аргументи за изборите. Од опозициската партија сметаат дека сѐ уште не е време да се размислува за датумот за избори и велат дека вонредната состојба треба да продложи и натаму, додека од владејачката СДСМ излегоа со јасен став – избори веднаш штом се стабилизира епидемијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, се категорички против собирање на распуштениот собраниски состав и се залагаат за лидерска средба на која ќе се дебатира за повеќе теми, додека од СДСМ изминатава недела сметаа дека лидерската средба во моментов не е потребна и дека враќањето на пратениците во собраниските клупи може да помогне во сегашната ситуација. И двете партии во своите настапи се повикуваат на „државничко однесување“. Проблемот е во тоа што различно го интерпретираат.
„В
о приоритетите (на нашата партија) воопшто ги нема изборите и навистина станува дегутантно, нечовечки е, недостоинствено ова што го прави СДСМ во овој момент“, рече денес  Александар Николовски одговарајќи на новинарско прашање.

„Луѓе секој ден за жал заболуваат од корона вирус, луѓе умираат, а тие да зборуваат за избори навистина е однесување што е надвор од секоја пристојност“, додаде тој.

Во однос на вонредната состојба, пак, тој рече дека таа не е прашање на одлука на било кој политичар, туку е „прашање поврзано со потребите, а потребите во моментов во Македонија се јасни дека имаме сериозна здравствена и економска криза и соодветно на тоа треба да биде одговорено.

„Во овој момент формата преку која што може да се реагира е вонредната состојба. Како ќе се одвиваат работите во иднина никој не може да претпостави, но повторувам одлуките не треба да се носат врз основа на желба на Стево Пендаровски, Зоран Заев или кој било друг, туку треба да се носат исклучиво врз основа на она што го имаме како реалност, а тоа е дали се надминува или не се надминува здравствената и економска криза во Македонија“, рече тој, обвинувајќи дека СДСМ со прашањето за изборите сака да ја дефокусира јавноста од горливите теми.

Од друга страна, во СДСМ нагласуваат дека на македонската демократија и на македонскиот развој им требаат стабилни институции и колку што е можно поскоро враќање на нормалниот колосек на европските интеграции.

Генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски, изјави денес дека на граѓаните им се потребни функционални институции, а пред сѐ функционален парламент.

„Затоа, веднаш штом се стабилизира епидемијата, за што сме оптимисти дека брзо ќе се случи, а врз основа на сите епидемиолошки и здравствени анализи на клучните надлежни институции и авторитети во здравството веднаш после тоа треба да се реализираат изборите, во првиот можен рок, рече Николовски.

Тој додаде дека во моментот кога епидемиолозите и здравствените авторитети ќе проценат дека има услови за враќање на општествените текови во функција, изборите треба да станат реалност, што поскоро.

„Од здравствен аспект, најдобро е демократскиот избор на новиот македонски парламент и на новата македонска политичка влада со целокупна одговорност, да се случи во период кога короно вирусот е совладан, а секако пред евентуална нова закана од повторно ширење на вирусот, рече Николовски.

Пренесеувајќи го партискиот став, односно заклучоците до кои дошле во партијата по онлајн координацијата со шефовите на регионалните изборни штабови на СДСМ, тој рече дека демократијата бара Собранието да ја контролира извршната власт и да биде на располагање за нови одлуки, со полн мандат од граѓаните.

Двајцата Николовци,  и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и генералниот секретар на СДСМ, различно гледаат и на можноста на избори да се оди со заштитни маски.

„Маските и дистанцата со сигурност стануваат наше секојдневие, ќе треба да се навикнеме на овие мерки при сите активности во секој наш нареден ден, рече генералниот секретар на СДСМ, додавајќи дека обврска за сите политички чинители е на прво место да го стават здравјето на граѓаните и интересот на државата.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека ваквото видување ја покажува нечовечноста на СДСМ.

„Во моментов во светот нема издржана студија која вели дека било што штити од корона вирусот. Во такви услови да ставите два милиони луѓе во опасност, мислам дека е недолично, нечовечки и недостоинствено, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, вонредната состојба не е прашање на желба туку е потреба во Македонија затоа што има сериозна здравствена и економска криза и вонредната состојба треба да продолжи да егзистира се додека има потреба, а во моментов, како што нагласи, има потреба.

Иако и двете партии постојано повторуваат дека здраавјето на граѓаните им е прв приоритет, сепак, под површината нивните тимови прават детални анализи кога би бил најповолниот термин за изборите. Во овие анализи се разгледуваат неколку варијанти – избори на крајот на јуни или почетокот на јули, или можеби на крајот на август и почетокот на септември.

Политички аналитичари велат дека брзите избори повеќе им одговараат на владејачките партии, поради тоа што граѓаните ќе ги оценуваат пред сѐ според односот кон здравствената криза, додека пак, опозицијата ги чека свооите пет минути кога економската криза ќе дојде во преден план и кога последиците од здравствената криза со сета сила ќе се прелеат врз економијата. (М.Ј.)