ВМРО-ДПМНЕ два часа пред средбата со Османи тврди дека власта крие што преговара со Бугарија


Фото: Б. Грданоски

ВМРО-ДПМНЕ бара од власта да ги објави клучните документи поврзани со преговорите со Бугарија. Според нив,  оваа власт се обидува нешто тајно да испазари на сметка на македонскиот национален интерес, македонскиот јазик, историја и идентитет.

-Да беше се чисто, власта на заевизмот и пиунот Ковачевски јавно ќе ги објавеа интегралните одговори од пакетот 5+1 кој пред неколку месеци им го дале на Бугарија. Замислете за вакво значајно прашање, јавноста во Македонија  дозна од институциите во Бугарија. Дури после тоа дознавме од страна на Артан Груби дека овие одговорите биле удобни за бугарската страна, како божем нашите функционери да добиваат плата да ги задоволуваат потребите на Бугарија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие не гледаат никаков пробив ни во договорените работни групи за соработка.

„Впрочем и досега никој и ништо не ги спречувало двете влади да имаат соработки на економски, енергетски или инфраструктурен план. Да потсетиме дека владата на заевизмот потпишуваше меморандуми со бугарската страна за истите области и во 2017-та година, поточно пред 5 години, па резултати од тоа нема никакви. И тогаш говореа за економска, енергетска соработка, изградба на железничка линија, коридор и слично, па видовме дека од тоа ништо не реализираа. Ниту метар железница, ниту нов граничен премин, ниту позначајна енергетска соработка, ниту економски бум. Напротив, токму после договорот за добрососедство на заевизмот, добивме низа вета и најлоши меѓудржавни односи меѓу Македонија и Бугарија.
Додека помпезно ги најавуваат ваквите листови хартија, во тајност се договараат идентитетските прашања кои се од клучен национален интерес. Да не беше на штета на Македонија, јавноста до сега ќе ги знаеше одговорите на прашањата од пакетот 5+1 во форма на конкретни материјали.

Реакцијата доаѓа практично два часа пред министерот за надворешни работи Бујар Османи на Комисијата за надворешни работи да им изнесе детали од преговорите со Софија, на нивно барање. 

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ исто така имаше средба и со бугарскиот премиер Кирил Петков за време на престојот во Скопје, од која и самите не дадоа детали што се зборувало на  преговорите иако неофицијално се слуша дека се согласиле, ако Бугарија попушти околу спорењето на јазикот и идентитетот, тие да дозволат Бугарите да влезат во Уставот.  Реакцијата исто така доаѓа по резолуцијата што ја усвои македонскиот Парламент за црвените линии на Македонија во преговорите со Софија, а која беше иницијатива токму на оваа партија.