ВМРО-ДПМНЕ допрва ќе одлучува дали ќе учествува во техничката влада


Фото: Б. Грданоски

 

Датумот е познат, техничкиот премиер е познат, законот важи, но уште не се знае дали опозицијата ќе има свои претставници во пржинската влада.

Откако вчера ДУИ објави дека нејзин кандидат за технички премиер ќе биде претседателот на Собранието, Талат Џафери, а СДСМ го поздрави како добар предлог, ВМРО-ДПМНЕ уште не знае дали ќе учествува во таа влада каде што треба да има министри за внатрешни работи и труд и социјала и неколку заменеички места со врзан потпис.

„Во следниот период телата на ВМРО-ДПМНЕ ќе донесат одлука и дали ќе се учествува и евентуално со кои имиња би се учествувало во таква влада“, рече партискиот портпарол Наум Стоилковски на прес-конференцијата пред Владата.

Тој нагласи дека СДСМ ѝ прави штета на државата што не го прифати нивниот предлог за укинување на проектот „пржинска влада“ за, како што рече, Талат Џафери да го стават за премиер.

„Деспотот од Форино е лик познат во јавноста од неговите кршења на закони и процедури, до снимките со неговите сочни пцости и испади, што никако не е материјал за премиер на држава како Македонија во криза. Но, Македонија со СДС мора да трпи затоа што Мала Речица, Али Ахмети и Артан Груби така му наредиле на Димитар Ковачевски. Тоа е и единствената причина зошто сѐ уште во Македонија постои срамен проект наречен пржинска влада, и зошто нема промена на изборниот модел“, рече Стоилковски.

Прашан дали  би го гласале ли Јован Митревски за претседател на Собранието, Стоилковски рече дека тоа е не било битно во моментот.