ВМРО-ДПМНЕ: Домовите на граѓаните ќе бидат надвор од дофатот на извршителите


ВМРО-ДПМНЕ, партијата што ги измисли извршителите и во чие време тие извлекоа десетици милиони евра од џебот на граѓаните, сега најавува релаксирање на казнената политика.

„Ќе ги десеткуваме казните, ќе ставиме забрана за извршување на куќи и станови, кои се единствен дом на граѓаните. Во казнената политика целосно ќе се спроведе системот – превенција па казна. Ќе се утврди нов модел на работење на трудовата и на пазарната инспекција врз основа на системот усно укажување на евидентираните неправилности во работењето на правното лице, период за нивно отстранување, па дури потоа казна. Казната ќе следи само во случај кога неправилноста не е исправена во конкретен рок и ако истата и натаму се повторува од страна на правното лице“, најавуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Новата прекршочна политика, како што најавуваат од ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде утврдена и кај сообраќајните прекршоци. Ќе се примени системот на мали, но ефективни казни, односно десеткување на сегашниот систем на казни. На пример, сегашната казна за сообраќаен прекршок од 300 евра во денарска противвредност, ќе биде заменета со казна од 30 евра во денарска противвредност.

„Уставното гарантирано право на граѓаните на домување е посилно од кој било закон, затоа, освен во случаите на хипотекарно обезбедените побарувања, ќе се укине извршувањето врз недвижност која е единствен дом на граѓанинот. Оваа мерка се применува само кога се извршува по основ на наплата на паричен долг кога врз недвижноста не постои заложно право“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.