ВМРО-ДПМНЕ до декември ќе слуша, а на пролет ќе решава проблеми


Фото: Б. Грданоски

ВМРО-ДПМНЕ ги започнува подготовките за парламентарните избори в година. Опозициската партија најави дека е отворена да ги слушне проблемите на граѓаните во земјава, ветувајќи дека во изборната програма што ќе ја понудат ќе има одговори за нив.

Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски вели дека Македонија трета година живее во кошмар, секој ден тапкаме во место, а во многу области одиме назад.

„Неправдата е знак на оваа власт, неработата е нивна одлика, неспособноста е нивен карактер. Тие ја рушат државата, ја рушат среќата на луѓето, ја рушат иднината. Потонаа во своите предавства, изгубија образ затоа што излажаа, загубија сила затоа што се силеа. Тие се свесни за тоа, затоа се нервозни, затоа кршат закони. Ја оставаат Македонија со лузни, во рушевини, во пепел. Но, ние не бегаме од предизвиците, ние имаме решенија и одговори за нив“, потенцира Мицкоски во видео-пораката.

Тој ги повика граѓаните на „разговори за обнова на Македонија“ и да ги кажат проблемите со кои се сочуваат во семејството, улицата, селото, градот, фелата…

Од ВМРО-ДПМНЕ објаснуваат оти ќе бидат поставени штандови низ целата земја каде до декември ќе се запишуваат проблемите, а потоа ќе се обработуваат во самата партија.

Предвидено е решенијата да бидат претставени во два дела: во првиот за проблемите на луѓето, а во вториот за најголемите прашања и области. (Г.А.)