ВМРО-ДПМНЕ „чепка“ во дворот на Љубчо и Љубе


Фото: Б.Грданоски

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, ја извести јавноста дека остварил средби со дел од раководствата на повеќе политички партии, кои, како што вели, до пред извесно време партиципирале во власта. Без да посочи конкретни политички субјекти, Јанушев вели дека дел од партиите преминуваат во ВМРО-ДПМНЕ, а дел во другите десничарски партии од коалицијата „За подобра Македонија“.
„Тие ги ставаат своите капацитети на располагање, со цел што побргу да ја турнеме оваа криминално-рекетарска власт и да помогнеме што побргу во обновата на Македонија. Она што, исто така, е вредно да се напомене е дека овие луѓе ги напуштаат политичките партии во период кога буквално сите механизми на присилба и уцена се во рацете на Заев и СДСМ и одлучиле да се придружат на нашата борба за што побргу СДСМ и Заев да ги тргнеме од власта и да почнеме со обновата на Македонија“, вели Јанушев.
Тој упати и апел до сите, како што вели, чесни и искрени граѓани на Македонија да ѝ се придружат на ВМРО-ДПМНЕ во борбата против власта, за „Обнова на Македонија“, како што е мотото на кампањата што опозицијата веќе неколку седмици ја спроведува на терен меѓу граѓаните.
Врвот на опозициската партија ги пласира информациите за наводни средби со раководства на други партии откако на политичката сцена, поточно во таборот на политичката десница, почнаа да се наѕираат нови раздвижувања и повторно да излегува на површина незадоволството на дел од членството и на поранешни функционери од политиките на актуелното раководство во „белата палата“. Во тој контекст се најавите за формирање ново движење наречено „Македонски концепт“ во кое партиципираат членовите на т.н. реформско крило во ВМРО-ДПМНЕ, кои беа разрешени од партиските функции поради ставот против бојкот на референдумот за името и во насока на поддршка на Преспанскиот договор и уставните амандмани што произлегоа од него. Во тоа време, меѓу разрешените (од потпретседателско место во ВМРО-ДПМНЕ) се најде и актуелниот градоначалник на Кавадарци Митко Јанчев, кој излезе со оценки дека не е исклучено да се формира нова партија што би произлегла од ВМРО-ДПМНЕ ако партиското раководство „не се вразуми и не ја смени реториката“.
Тврдењата на Јанушев дека кон ВМРО-ДПМНЕ пристапуваат членови на други партии, всушност, ги извадија од „политичка хибернација“ двете вонпарламентарни партии на десницата, предводени од поранешниот премиер Љубчо Георгиевски (ВМРО-НП) и од ексминистерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски (ОМ), кој сега е советник на премиерот Заев. Од ВМРО-НП тврдат дека измислени членови на Народна се појавуваат на прес-конференции и кажуваат дека преминуваат во таборот на Мицкоски и Јанушев.
„Не е прв, ниту последен пат некогаш владејачката, а сега опозициска ДПМНЕ да прави диверзии со некакви членови кои ниту се појавиле во ВМРО-НП, ниту
фигурираат во архивските списи како членови. Со вакви неартикулирани постапки, ДПМНЕ само го покажува стравот од силна ВМРО-НП, особено сега кога членството и сите општински комитети се активирани во своите општини, работејќи на подобрување на условите за живеење преку разни програми“, се наведува во соопштение на ВМРО-НП.
Од оваа вонпарламентарна партија упатуваат и апел до сите членови, симпатизери и гласачи да не наседнуваат на вакви провокации и како што велат, ситни испади на опозициската ДПМНЕ бидејќи станува збор за веќе видено сценарио.
Од Обединети за Македонија, пак, велат дека обединувањето на десницата не почнува од „белата палата“.
„Би излегле на прес-конференција, но како прозападна и модерна десна партија, заклучивме дека нема потреба да трошиме енергија и време за неважни работи и за луѓе кои работат за нечии интереси. Истите членови кои ‘преминуваат’ се тргнати и исклучени од партијата уште пред неколку месеци, поради нивни неусогласени ставови со претседателството на партијата“ – се наведува во соопштение на ОМ. (А.М.М.)