ВМРО-ДПМНЕ без прекин го напаѓа „Рејтинг“. Од агенцијата велат дека тоа е хајка


Директорот на Рејтинг“, Никола Спасов (Фото: Фејсбук на „Рејтинг“)

 

Веќе неколку дена владејачката ВМРО-ДПМНЕ со прес-конференции или партиски соопштенија постојано ја напаѓа агенцијата за истражување јавно мислење „Рејтинг“ и нејзиниот дирекотр Никола Спасов. ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува агенцијата дека прави пропагандна промоција на СДСМ и неговиот нов лидер Венко Филипче и дека Спасов добил дозвола за градба на фотоволтаична централа.

„Рејтинг“ на овие напади реагираше со соопштение дека се води хајка против агенцијата. „Оваа хајка за нас е неразбирлива и недозволива, за што правниот тим на компанијата ќе ги преземе сите правни дејствија да го заштити сопствениот углед. Во соопштенијата и прес-конференциите се изнесени лаги и неточни информации за компаниите во сопственост на извршниот директор на агенција ‘Рејтинг’, Никола Спасов“, велат од „Рејтинг“.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ и портпарол на партијата, Марија Митева, денеска на прес-конференција рече:

„Во 2018 година кога СДС е во врвот на власта Спасов од ‘Рејтинг’ добива дозвола за изградба на фотоволтаична централа со моќност од 2,18 мегавати под името ‘Гама Солар 1’.

Кога Спасов ја добива дозволата за градба на фотоволтаичната централа Венко Филипче,  сегашниот претседател на СДС е министер во владата. Се поставува прашањето дали Венко Филипче играл улога во добивањето на одобрението и дали Спасов му е лично должен на Филипче?“

Според Митева, за изградба на ваква фотоволтаична централа биле потребни два милиони евра, која може да генерира приходи и до половина милион евра годишно, што значи за 20 години, 10 милиони евра приходи. „Дали овој бизнис од 10 милиони евра е извор на приходи за сите лаги и евтин ПР на СДС“, рече Митева. Вчера таа пресмета дека „Рејтинг“ во изминативе седум години добила тендери во вредност од 900 илјади евра.

„Рејтинг“ во својот денешен одговор на овие напади вели:

„Агенцијата ‘Рејтинг’ е професионална компанија за истражувања и комуникации која 15 години успешно работи на пазарот во Македонија, регионот и Европа. Секојдневните прес-конференции и соопштенија на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, со кои се оцрнува агенцијата без никаква основа, се срамен и недозволив чин за политичка хајка врз приватна компанија.

‘Рејтинг’ во своето петнаесет годишно искуство има соработувано на проекти со политички партии и институции, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ. Сите проекти кои ги има реализирано се спроведени на професионален начин во целосно транспарентни постапки.

Оттука, оваа хајка за нас е неразбирлива и недозволива, за што правниот тим на компанијата ќе ги преземе сите правни дејствија да го заштити сопствениот углед.

Во соопштенијата и прес-конференциите се изнесени лаги и неточни информации за компаниите во сопственост на извршниот директор на агенцијата ‘Рејтинг’, Никола Спасов.

Сакајќи намерно да го оцрни личниот углед на Спасов, ВМРО-ДПМНЕ пласира дезинформации за компанијата ‘Гама Солар’, каде Спасов има малцинско учество во капиталот на компанијата, а не доминантна сопственост. Компанијата ‘Гама Солар’, преку кредитирање на инвестицијата вложува во приватниот сектор, како и секоја друга компанија, а ваквото оцрнување нанесува штети и по угледот на останатите сопственици.

ВМРО-ДПМНЕ на крајно перфиден начин, со лаги и манипулации, се обидува да создаде впечаток дека агенцијата и директорот Спасов се стекнале со некаков милионски имот или бизнис на нелегален начин, што е бесрамна лага и манипулација. Ниту агенцијата, ниту сопственикот Спасов, не располагаат со милионски бизнис, а сите приходи и работењето на агенцијата е целосно согласно законот.

Агенцијата ‘Рејтинг’ бара од сите релевантни институции, да реагираат на оваа очигледно организиран медиумски прогон на ВМРО-ДПМНЕ кон приватна компанија и сопственикот Спасов. Овој преседан е закана слободното работење на компаниите“, велат од „Рејтинг“.