ВМРО-ДПМНЕ бараше државата што повеќе да се задолжи, а сега обвинува за нивото на јавниот долг

ВМРО-ДПМНЕ денес ја обвини Владата дека енормно го зголемила јавниот долг и дека ја втурнува државата во зоната на презадолженост.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски истакна дека „за само три месеци владата на СДСМ го зголеми јавниот долг за една милијарда евра.

„Согласно податоците од Министерството за финансии заклучно вториот квартал од 2020 јавниот долг изнесува 59,5 отсто, додека државниот долг 50,7 отсто, што споредено со претходното тримесечје повеќе за 8,9 процентни поени. Потрошени се нови една милијарда евра, ама нов автопат, нови градинки, училишта, болници нема. Но, има криминални избори и масовен поткуп“, вели Мицкоски нагласувајќи дека денес е полошо споредено со април кога, како што вели, предупредил на три можни црни сценарија во македонската економија.

„Еве, првото се исполнува. Нѐ чекаат тешки времиња во македонската економија“, вели тој.

На истата тема денес на прес конференција во ВМРО-ДПМНЕ, Анастасија Илиевска рече дека јавниот долг кој на крајот од првиот квартал оваа година изнесуваше 5,5 милијарди евра, за само три месеци се зголеми на 6,5 милијарди евра.

„Тоа значи дека секое просечно семејство е задолжено за нови 2.000 евра јавен долг и тоа само за последниве три месеци“, рече Илиевска, додавајќи дека станува збор за рекорден раст на јавен долг во Македонија за едно тримесечие, речиси 9 процентни поени, како и дека со ова темпо брзо ќе се пробие лимитот од 60 отсто од БДП, кој е еден од Мастришките критериуми за влез во Европската монетарна унија.

„И покрај огромниот пораст на јавниот долг од една милијарда евра, проекциите се дека македонската економија годинава може да ја заврши со пад на бруто домашниот производ приближно на 10 отсто, со што логично се отвора прашањето за која намена беа искористени овие пари? Овие показатели се резултат на исклучително лошата економска политика на владата, задоцнетите и популистички мерки кои суштински не го помогнаа стопанството“, рече таа.

Иако редовно обвинуваат за задолжувањата, за нивото на јавниот долг и за начинот на кој се трошат парите од Буџетот, сепак, ВМРО-ДПМНЕ изминатите месеци имаше и понакви ставови. Така, Мицкоски повеќе пати критикуваше дека државата доцна реагирала за издавањето на еврообврзницата, како и дека уште на почетокот на корона кризата требаше да се издаде за да се постигне поповолна камата.

Меѓу другото, тој на 23 март на прес конференција побара државата да се задолжи за една милијарда евра заради справување со економските последици од пандемијата со корона вирусот. На веќе постојното задолжување од околу 600 милиони евра, што го предвиде тогаш Владата, тој побара во функција да се стави и вишокот ликвидни средства кај банките, а кои се чуваат во вид на благајнички записи на Народната банка и така дополнително да се обезбедат 400 милиони евра преку државни хартии од вредност кои ќе ги издаде Министерството за финансии.

Исто така, преку учеството во техничката влада, преку дополнителната заменичка министерка за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ВМРО-ДПМНЕ практично даде дозвола за направените задолжувања за кои сега обвинува. Димитриеска-Кочоска не потпиша единствено за кредитот од Светска банка од стотина милиони евра, за кој имаше забелешки. Но, и таа сметаше дека Македонија требаше да се задолжи со поголем износ со еврообврзницата, а не со 700 милиони евра, на колку што беше издадена.

Инаку, Министерството за финансии, вчера ги презентираше податоците за јавниот и за државниот долг. Од таму велат дека покачувањето на јавниот и на државниот долг во вториот квартал се должи пред се на повлекувањата на средствата преку еврообврзницата и заемот од Меѓународниот монетарен фонд, со цел обезбедување на ликвидност во време на КОВИД-19 кризата, обезбедување на средства за реализација на антикризните мерки и непречено извршување на буџетот и покрај кризата, односно покривање на зголемениот дефицит поради падот на приходите како резултат на корона кризата.

„На промените на јавниот и на државниот долг влијае повлекување на средства од склучени кредитни аранжмани со странски кредитори за вториот квартал од 2020 година во износ од 928,7 милиони евра, од кои 909,4 милиони евра за кредити на општа влада – 700 милиони евра за издадената Еврообврзница и 176,5 милиони евра од кредит од ММФ за Проектот за финансиска поддршка од инструментот за брзо финансирање за време на вонредна состојба, како и 19,3 милиони евра за заеми на јавните претпријатија. Исто така, има и повлекување по основ на држвни хартии од вредност во износ од 127,7 милиони евра“, соопштија од Министерствот за финансии.

Според проекциите наа Министерството за финансии до крајот на годината јавниот долг ќе се задржи на 59,6 отсто од БДП, додека државниот ќе се намали на 49,6 отсто од БДП. (М.Ј.)