ВМРО-ДПМНЕ барала со закон да се затворат предметите на СЈО по 30 јуни 2017 година


Со вчерашното преземање на предметите на СЈО од страна на редовното обвинителство, целосно е обезбедена иднината на сите предмети на СЈО со цел тие да имаат своја разрешница во системот на јавното обвинителство и судство, брифираат владини извори по лидерската средба на која не беше постигнат договор за новиот закон за јавно обвинителство и за решавање на статусот на СЈО.
Според брифинзите од владејачкиот табор, единствена цел на опозицијата било уништување на сите предмети од СЈО до 30 јуни. Тоа, како што се посочува, сакале да го постигнат преку тоа што нивен обвинител би ги преземал сите предметите за да подоцна ги затвори и уништи. За предметите по 30 јуни, пак, наводно, барале да се затворат со закон.
-Власта им понуди формирање нова обвинителска институција која ќе гони висока корупција сторена од избрани и именувани функционери, од сега па во иднина, со нови случаи, без разлика кој е на власт. Предлогот беше шеф на таа нова обвинителска институција да предлага опозицијата, но и тоа го одбија зашто нив не ги интересира иднината на правната држава, нив ги интересира да нема правда за предметите на СЈО. Ја одбранивме правната држава. Со вчерашното преземање на предметите од страна на јавното обвинителство целосно е обезбедена иднината на сите предмети на СЈО, со цел тие да имаат своја разрешница во системот на јавното обвинителство и судство – велат владини извори. Според нив, сите предмети, сите истраги и предистраги продолжуваат во целосна независна надлежност на државното јавно обвинителство. Шефот на јавното обвинителство ќе одреди, согласно законските овластувања кој јавен обвинител ќе го продолжи секој од предметите. Со ова, судбината на случаите се решава во јавното обвинителство и во судството, а не на преговарачка маса меѓу политичките партии, брифираар од владата, посочувајќи дека државата конечно изгради независен судски систем кој функционира непречено и кој не може да биде спречен од која било политичка партија. (П.Р.)