ВМРО-ДПМНЕ бара заеднички да се повика народот на референдум
Охрабрена од изјавата на претседателот Стево Пендаровски за можен договор околу референдумот, од ВМРО-ДПМНЕ денеска повикаа заедно да организираат „соочување“ со народот.
„Ако Пендаровски е за референдум, ајде да повикаме заедно соочување со народот.
Референдумот е највисока форма на демократијата во едно општество, и најдобар начин да се слушне ставот на народот.
Добро е да се чуе дека Пендаровски е на иста линија со претседателот Мицкоски, и дека размислува да поддржи референдум. Наскоро претседателот Мицкоски ќе излезе со формулацијата и очекуваме Пендаровски да го поддржи и повика на поддршка од сите политички партии. Референдумот мора да им даде право на граѓаните да одлучат дали сакаат вака асимилирани, бугаризирани, под диктат да имаат европска иднина, или пак горди, достоинствени, кога за тоа ќе се создадат услови во блиска иднина да имаме европска иднина.ВМРО-ДПМНЕ е за европска иднина, но со зачувано достоинство и под исти правила и услови кои важеле за сите до сега, а не Македонија да се дискриминира“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ практично ставајќи црвена линија околу можното прашање на референдумот кое официјално се уште го размислуваат.
Од СДСМ пак остануваат на ставот дека референдумот е само внатрешна потреба на ВМРО-ДПМНЕ.
„Референдумот што Христијан Мицкоски го бара е само за внатрешна употреба во ВМРО-ДПМНЕ и спас на неговата фотелја во Белиот дворец. Имаа шанса пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието да учествуваат во усвојувањето на Заклучоците по европскиот предлог за почеток на преговорите, но тие три дена ширеа лажни вести, викаа, свиреа, се закануваа и на крајот избегаа од собраниската сала и собраа сили ниту да гласаат против.Идејата на Мицкоски за референдум нема поддршка ниту кај коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, ниту кај останатите опозициски партии. Таквото барање за референдум, за кое Мицкоски не ја знае ниту формата ниту прашањето, е единствено со цел да го манипулира членството на партијата откако му пропаднаа сите обиди да ја закочи и дестабилизира државата. Мицкоски е осамен и изолиран, негов единствен партнер е проруската Левица предводена од Димитар Апасиев“, порачаа од СДСМ.