ВМРО-ДПМНЕ бара притвор за Катица Јанева


Фото: Б. Грданоски

 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш проширување на истрагата и притворање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поради можност за бегство, влијание врз сведоци од позиција на Специјален јавен обвинител и уништување на докази.

„Правото и правдата мора да владеат во Република Македонија, а тоа е можно само доколку криминалниот картел наречен СДСМ и Заев си заминат од власт и веднаш распишат предвремени парламентарни избори“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Откако се отвори случајот „Рекет“, од партијата велат дека „пријателката на притворениот рекетар Боки 13, наводно се разболе дента кога беше обелоденета аферата за рекетарскиот политичко-судско-медиумски октопод на СДСМ. На Јанева не може да и се верува и затоа надлежните мора да испитаат дали го фалсификувала или злоупотребува боледувањето“.

Бараат одговор и на прашањето: Зошто јавното обвинителство ја штити од одговорност Катица Јанева и дали во нејзиниот мобилен телефон се пронајдени дополнителни докази кои утврдуваат нејзина директна вмешаност како и тоа зошто за неа се уште нема мерка притвор поради можност за влијание на сведоци, повторување на делото или бегство?