ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Филипче, СДСМ им порачува дека се опасни за јавното здравје
ВМРО-ДПМНЕ и денес излезе со соопштение во кое обвини дека министерот за здравство Венко Филипче потфрлил бидејќи секој трети тестиран во Македонија вчера имал Ковид. Ваквото обвинување дојде во пресрет на денешната расправа во Собранието за Законот за заштита на јавното здравје за кој ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да го гласа, но ќе обезбеди кворум, за да вчера се премисли и излезе со свој предлог за формирање нова комисија за справување со епидемијата бидејќи според нив оваа премногу и служела на политиката, што е најава за блокада на новите мерки со кои треба да се спречи наглото ширење на епидемијата. Како расте бројот на заболени, така епиемијата се повеќе се користи за политичка борба, место да се води борба против неа.
-Хаосот кој го живееме е резултат на неспособноста и незаинтересираноста на Венко Филипче. Го преспа цело лето, а не направи ниту еден нов болнички капацитет, не го зголеми медицинскиот персонал, ниту пак набави вакцина против сезонски грип. Есенскиот бран на Ковид го фати целосно неспремен Филипче, иако самиот тврдеше дека на есен вирусот ќе биде појак, ништо не презема.
Лошиот менаџмент со системот придонесе Македонија да е една од земјите на врвот во Европа по заразени на милион жители, но и починати. Ова е жално и трагично.Се што направи Филипче е вперување на прстот за вина кон граѓаните.Граѓаните сега се виновни за неговата неспособност. Не се Филипче виновни граѓаните. Преземи одговорност и дај си оставка веднаш, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ им реплицираа дека опозициската партија дејствува опасно по здравјето на луѓето
-Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во време кога расте бројот на инфицирани со коронавирусот, а болниците се полнат, продолжува да ја злоупотребува сериозна здравствена ситуација за дневнополитички поени.Од почетокот на коронакризата во земјата, од безидејното ВМРО-ДПМНЕ не видовме ништо друго освен неконструктивно делување, опструкции и критики.Во деструктивноста предничи тоа што заменичката министерка за финансии во техничката влада цело лето, го кочеше заемот од Светска Банка од 90 милиони, наменет за поддршка на здравствениот систем и подготовка на дополнителни болнички капацитети. Да не беа нивните блокади, досега болниците ќе беа подобро опремени и подготвени за есенскиот бран.
Цела есен, во време на сериозен бран на коронавирусот, раководството на ВМРО-ДПМНЕ организира масовни собири за спас на фотелјата на Христијан Мицкоски, на кои масовно се прекршуваат мерките за заштита од коронавирусот.
Колку на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски им е битно здравјето на граѓаните говори фактот што бараа предвремените избори да се одржат есенва, а колку навистина се загрижени за коронавирусот говори фактот што во Собранието ги опструираат измените на Законот за заштита на населението од заразни болести кои се потребни за зголемување на превенцијата од коронавирусот, регираат од СДСМ.