ВМРО-ДПМНЕ бара од ЕУ да не додели  датум за преговори, обвини Костадин Костадинов


Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ, во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма во дебатата со Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека главната опозициска партија ги користи своите релации со странските претавници и европратеници за да ги увери дека државата не треба да добие датум за преговори со ЕУ во март, а тоа го правдала со аргументот дека така ќе била фаворизирана одредена партија на изборите.

„Раководството на ВМРО-ДПМНЕ со сите можни сили се обидува пред претставници на меѓународната заедница да направи буквално се, Северна Македонија да не отпочне преговори за членство со ЕУ. Целото тоа деструктивно однесување на ВМРО-ДПМНЕ имавме можност да го гледаме и во рамки на Собранието, на прес конференции, во изјави… сите добро ја знаеме целта –  заштита на криминалот. Во разговори со претставници на меѓународната заедница, во разговори со европратеници тие бараат Северна Македонија да не добие датум за почеток на преговори со ЕУ“, изјави Костадинов. Димовски, пак, изјави дека е сосема сигурно дека Македонија нема да добие датум за преговори на самитот на ЕУ во март.