ВМРО-ДПМНЕ бара надзорна расправа во Собранието за откупната цена на грозјето


Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ до Собранието ќе поднесе барање за надзорна расправа за откупот и откупната цена на грозјето, со цел, како што посочуваат, да се постигне консензус помеѓу сите засегнати чинители и да се достигне достоинствена цена за килограм грозје.

-Лозарите се излажани и изманипулирани од СДСМ и Зоран Заев лично. Грозјето скапува на нивите. Откупната цена во моментов е најниска откако се памети, и истата изнесува мизерни 6 – 7 денари.Меѓутоа и по овие потценувачки цени милиони килограми на грозје стои необрано бидејќи владата подолг период не му пристапи на овој проблем сериозно. Потребни се итни мерки за да се превенира социјална катастрофа, изјави пратеникот Зоранчо Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ.

На надзорната расправа ќе бидат повикани претставници на здруженија на лозари од цела држава, претставници на винариите и стручни лица од Факултетот за земјоделски науки и храна. Според пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, проценките на експертите се дека од овогодишната реколта веројатно нема да бидат откупени до 60 милиони килограми винско грозје, што претставува потфрлање од безмалку 40 отсто.

-Од надлежните институции освен лажните и несериозни ветувања и оптимистички најави нема ниту еден релевантен податок. Класично потфрлање на целиот државен земјоделски систем кој во било која подобро организирана аграрна земја не смее да се случи. Напоменуваме дека причините за хаосот во откупот на овогодишната реколта се пред се во државните институции. Потребни се брзи чекори на делување, рече Јованчев.

Тој најави дека дополнително во идниот период ќе отпочнат процес на стручна расправа и од потребите за донесување на закон за лозарство, со кој детално ќе биде регулирана областа, ќе се гарантира заштитна откупна цена под која нема да може да се оди, и ќе се регулира начинот на производство на насока на заштитните средства и препарати кои може да се употребуваат, а со цел добивање на поквалитетен краен производ.