ВМРО-ДПМНЕ бара итна владина седница за тутунот, предлага двојно зголемување на субвенциите

Итна владина седница за усвојување сет мерки кои ќе помогнат да се надмине проблемот со откупот на тутунот, бара пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и предлага двојно зголемување на субвенциите (од сегашните 60, 70 и 80 денари за килограм откупен тутун на 120, 140 и 160 денари), обезбедување дополнителни финансиски средства од страна на државата за откуп на тутунот за кој не се склучени договори, враќање на старото законско решение за да се забрани увозот на тутун, ревидирање на мострите ориентален тутун и постојано присуство на инспектори на пунктовите.

Пратениците од опозициската партија соопштија дека денеска поднеле и Информација до Собранието на Репблика Северна Македонија со цел подетално запознавање на јавноста и решавање на состојбата со која се соочуваат тутунарите.

Тие ја обвинуваат Владата за тоталната негрижа и неспособност, како и за водење уценувачка стратегија.

-СДСМ продолжува со уценувачката и „земи или остави“ погубна стратегија кон тутунопроизводителите. Повторно се изживува со маката и потта на тутунарите, но и дрско го злоупотребува и потценува нивниот труд. Токму СДСМ и Зоран Заев ветуваа и се уште ветуваат висока, сигурна и загарантирана цена на откуп на тутунот, но по којзнае кој пат, бесрамно лажат и си поигруваат со тутунарите наведува пратеникот Петар Ристески во дописот до медиумите.


Според него, состојбата со откупот на тутунот во моментов е крајно драматична и срамна. Откупот е во хаос, а тутунарите се принудени да го даваат својот тутун за рекордно најниската откупна цена во последните 15 години. Наместо навремен и регулиран пазар, постои безредие.

-Очигледно, овој процес е во безизлезна ситуација. Власта на СДСМ освен безброј јалови состаноци и притисок врз тутунарите, не презема апсолутно ништо со што би се стабилизирал откупот, би се добила чесна и реална проценка на квалитетот на производството, но и најважното, би се достигнала задоволителната откупна цена до 200 денари за килограм, истакнува Ристески.

Дополнителен проблем, оценува, е тоа што „илјадници семејства и тутунари кои живеат од ова производство, немаат каде да го продадат својот тутун зашто за над 3.000 тони тутун немаат склучено договори поради неорганизираност на власта“.

-Доколку Владата предводена од Зоран Заев и СДСМ има искрена намера и сака да помогне на тутунарите да си ги добијат заслужените пари и конечно нивната мака и труд еднаш засекогаш да престанат да бидат погазувани и потценувани, таа мора веднаш и сега, без никакво одлагање, да ги усвои овие предлог мерки. Во спротивно, уште еднаш ќе покажат и докажат дека се Влада само на одреден привилегиран круг бизнисмени и лица блиски до власта, која работи на штета и против интересите на тутунарите и на сите граѓани на Република Македонија во целост, нагласува Ристески.

Тој потсетува и дека Владата согласно Законот за земјоделство и рурален развој има обврска во случај на пореметување на пазарните односи и разлика во висина на откупната и производната цена, директно да интервенира во стабилизирање на пазарот.

-Владата мора по секоја цена да го штити домашното производство и интересот на тутунопроизводителот, а не интересот на одредени бизнис групации. За ова, Владата е обврзана со Закон и мора така и да делува. Од тие причини, поради итноста, сериозноста и сложеноста на состојбата, апелираме до власта да ги почитува законите и да има слух и разбирање за овој проблем на тутунарите и очекуваме и бараме оваа Информација да се најде на првата наредна седница согласно членот 69 став 3 од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија, дополнува пратеникот во дописот.

Вчера премиерот Зоран Заев имаше средба со тутунарите во Владата на која присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа. Заев истакна дека Владата ќе го следи откупот на тутунот на дневна основа и ќе ги примени достапните можности цената на откупениот тутун на ниво на целата држава да ја достигне просечната цена од најмалку 180 денари. Премиерот Заев и министерот Хоџа го прифатија и барањето на тутунарите за измени и дополнувања на Законот со кои откупувачите ќе бидат законски обврзани да потпишат договори за новата реколта со исти количини од претходната на сите тутунопроизводители кои при проценка на Второстепената комисија добиле подобра проценка на тутунот.