ВМРО-ДПМНЕ бара истрага за РЕК Битола


Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски обвини дека трет ден Васко Ковачевски и СДСМ молчат за кривичната пријава за рекет од 250.000 евра кои се обидел да го изнуди поранешниот директор на РЕК Битола, иако Ковачевски даде изјава и се закани со тужба.

-Трет ден како Васко Ковачевски и СДСМ се обидуваат да ја прикријат аферата за РЕК Битола, каде што уништувале угледни фирми кои работеле таму, за сметка на фирма блиска до Вице Заев, тоа е фирмата СВ Инвест. Ние и претходно говоревме за фирмата СВ Инвест дека добива работа по основ на непосредна релација со Вице и Зоран Заеви и тоа без никакво портфолио. Без механизација, без човечки кадар, Васко Ковачевски на незаконски начин ја избрка фирмата која не сакала да плати рекет од 250.000 евра и на нивно место преку договор во 4 очи тендерот го додели на фирмата СВ Инвест која е во непосредна релација со Вице Заев.

Рекетот стана најпрофитабилен занает и бизнис во СДСМ и во оваа влада предводена од СДСМ.Практично, нема функционер од СДСМ кој не рекетира фирми кои добиваат тендери од државата и нема функционер од СДСМ кој не зема пари за секој доделен тендер. Тоа јавноста многу добро го знае и веќе неколку пати го слушна и го виде.

Бараме, Васко Ковачевски уште веднаш да биде разрешен од позицијата директор на ЕЛЕМ, позиција која што ја доби како награда за тоа што им одработи на Вице и Зоран Заеви со фирмите во РЕК Битола.Исто така бараме, уште веднаш Васко Ковачевски, заедно со сите инволвирани и сите одговорни да биде повикан во Јавното обвинителство на сослушување и да се отпочне соодветна постапка соодветно кривичната пријава, порача Арсовски.