ВМРО-ДПМНЕ бара да се одложи прогресивното оданочување за уште една година


 

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата  најави дека ќе предложи закон со кој ќе побара да се одложи примената на прогресивниот данок на личен доход за уште една година.

-ВМРО – ДПМНЕ е против воведување на прогресивно оданочување и смета дека треба да се задржи моменталниот концепт на рамен данок, а идната Влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ ќе го намали до ниво од осум проценти. Сметаме дека е неопходно одложување за уште една година на прогресивното оданочување поради неподготвеност на институциите, но пред се поради тоа што граѓаните треба преку парламентарни избори да одлучат дали се за повисоки давачки и зголемено прикривање даноци т.е. даночна евазија или се за постепено намалување на давачки и рационализација на јавните трошења, изјави денеска пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Таа информира дека со Предлог-законот што ќе го достават нема да се зголеми за 50 проценти данокот по основ на личен доход од кирии, капитални добивки, права на индустриска сопственост, ниту пак ќе се применува прогресивна стапка за 80 проценти поголема од основната за доходот по основ на работа, самостојна дејност, авторски и сродни права и продажба на сопствени земјоделски производи.

Стаменкоска Трајкоска истакна дека власта не го исполнила ветувањето дека во периодот на мирување од три години на пригресивното оданочување ќе подготви нов модел.