ВМРО-ДПМНЕ бара да бидат слушнати газдите за недела да биде неработен ден
Главната опозициска партија побара владата прво да ги сослушала стопанствениците пред да ја донесе одлуката недела да биде неработен ден од октомври оваа година. Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, одговарајќи на новинарско прашање рече дека тоа бил популистички потег на власта.
„Многу пати досега сме кажале дека популистичките мерки кои што Социјалдемократскиот сојуз ги презентира во јавноста и многу пати од стопанскиот сектор наидоа на недоразбирања. Бараме да бидат слушнати стопанствениците и оние кои што имаат потреба и кои што треба да ја закрепнат економијата во државата“, рече Митева.
Одлуката за недела неработен ден дојде по пет седници на Економско-социјалниот совет. Законот беше дефиниран по повеќе разговори со синдикатите и работодавачите. Организацијата на работодавачите ја поздрави мерката.