ВМРО-ДПМНЕ: Арсовска е неспособна, со толку долгови троши пари за анкети


Советникот во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, , Луке Галески , ја нарече неспособна администрацијата на Данела Арсовска, целата вина ја префрли на нејзе и на СДСМ иако тие ја избраа и праша – зошто градоначалничката троши огромна сума пари за пи-ар кога должи  пари на јавни претпријатија. Во тој стил беше целата седница на Советот на Град Скопје на која не се бараа решенија, туку се префрлаше вината.  

-Она што претставува вистинска штета е што додека  Владата и Градот си ја префрлаат топката едни на други – едните велат дека на другите им должат два милиони евра, а првите велат дека не е точно – најмногу трпат граѓаните кои се вработени во ЈСП,  над илјада семејства кои не добиваат плата редовно и оние кои ги користат услугите на ова јавно претпријатие, а чие користење е доведено во прашање, рече Галески. 

Според него и да донесат одлука денес, таа ќе ги залечи раните на претпријатието но нема да го реши проблемот, бидејќи прашање на време е кога ЈСП повторно ќе заглави вака.

Галески притоа праша зошто, ако Владата должела два милиони евра на ЈСП, Градот и Арсовска не кажаа ни збор за тоа дека на пример Клинички центар должи два милиони евра на ЈП Водовод,   зошто директорот на ЈП Улици и патишта молчи што Градот му должи милион евра и зошто , со сите овие долгови како товар,  Арсовска прави тендери и троши пари за анкети.

-Госпоѓо Арсовска вака ако продолжите вашиот рејтинг оди кон нула. Помина месец дена од политичкото разидување со ВМРО-ДПМНЕ, а денес на дневен ред разговараме за банкротирано претпријатие, хаос, огромни долгови, матни ликови  за кои се говори дека одат по институции и договараат тендери и една политички чудна, но логично криминална и медарски расположена коалиција составена од една партија на власт, друга партија на власт која што полутајно ја поддржува градоначалничката и секако Арсовска со неколку луѓе околу неа. За жал вака изгледа Скопје кога Арсосвска го води, рече Галески.

Тој укажа дека за прв пат по формирањето на ЈСП, претпријатието не е во состојба  да ја извршува функцијата за која е формирано. Тоа, додаде Галески, говори дека менаџерката на градот не менаџира со она што е основна функција на претпријатието и за ова може да се бараат изговори во ВМРО-ДПМНЕ, но факт е дека таа си го постави директорот.

Арсовска од говорницата пак го спомнуваше, како што го нарече шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски, и рече дека само се шетал и отворал чешми и тротоари со вмровските градоначалници.

-Нема да ви го шетам шпицниот градоначалник, кој секој ден сече ленти за отворање на чешми. Ако сакал да биде градоначалник, што не се кандидирал? Вашиот директор Игор Јанушев (директор на ЈСП во времето на власта на ВМРО-ДПМНЕ – н. з.), еве го овде на слика, склучил штетен договор со Маратон со кој, за да бидат налепени автобусите со реклами ЈСП добива 7.000 денари, а фирмата 2.000 евра. Такви штетни договори вашите луѓе склучувале и директно сте одговорни за загубите на ЈСП, рече Арсовска.

Вонредната седница на Советот се одржува по барање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ која бара да се пренаменат средства од буџетот за плати за вработените во ЈСП „Скопје“, а од синдикатот на вработените во ЈСП се надеваат дека на оваа седница ќе се најде решение за исплата на нивните плати.Вработените во ЈСП најавија дека утре  со семејствата ќе протестираат пред централата на јавното претпријатие ако денеска не им биде исплатена септемвриската плата.